Поплавите во Словенија по силното невреме кое во четвртокот ја погоди земјата однесоа уште два човечки животи. Вчеравечер во водите на надојдената река Теменица кај селото Ивања во општина Мирна Печ е пронајдено удавено лице, јавува РТВ Словенија.

Пожарникарите доброволци од Мирна Печ им помогнале на спасувачите при транспортот на починатиот. На телото на лицето не се констатирани траги на насилство, а причината за смртта ќе биде позната откако ќе биде извршена обдукција. Полицијата го утврдила индентитетот на починатиот, од каде што соопштиле дека станува збор за 35-годишен маж од областа Мирна Печ и дека и понатаму се собираат информации за утврдување на околностите за неговата смрт. Истрагата треба да потврди дали тој настрадал како последица на поплавите.

Безживотно тело на маж вчера било пронајдено и во септичка јама во областа Мост, во општината Коменда, јавуваат словенечките медиуми. Како што се наведува, лицето паднало во јамата додека ги санирало последиците од поплавите.

Според словенечката радиотелевизија, со последните пронајдени тела, бројот на жртви од силните поплави што ја зафатија земјата се искачи на четири лица.

Прикажи повеќе