Вкупно 19 големи онлајн платформи и пребарувачи од утре ќе мора да се усогласат со новите правила за интернет-содржини на ЕУ, затоа што стапува во сила Законот за дигитални услуги, усвоен во 2022 година, кој има цел да ги сузбие „нелегалните и штетни дигитални содржини“.

Новите правила се однесуваат на социјални мрежи Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток, Икс (поранешен Твитер), Јутјуб, Снепчет, Линкедин и Пинтерест, но и на Амазон, Букинг, Али експрес, Заландо, Гугл Шопинг, Гугл Срч, Гугл Мапс, Бинг, Википедија, како и на онлајн продавниците за апликации на Гугл и Епл. Станува збор за интернет-платформи, кои според статистичките податоци, месечно ги посетуваат над 45 милиони Европејци.

Согласно новите правила, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, социјалните мрежи и платформите ќе мора веднаш да ги отстранат содржините кои со европските и националните законодавства на членките на ЕУ се оквалификувани како „нелегални“, на пример, фотографии од сексуална злоупотреба на деца, а ќе можат и да ги блокираат корисниците кои често објавуваат нелегални содржини. Дополнително, онлајн продавниците ќе треба да „направат најдобри напори“ за да спречат продажба на фалсификувани луксузни марки и опасни играчки за деца.

Компаниите ќе мора да проценат и да предложат конкретни мерки за „справување со можните ризици што платформите ги претставуваат за општеството“, меѓу кои и ширењето дезинформации и онлајн малтретирање. Социјални медиуми и пребарувачите ќе мора да ги приспособат своите услуги за да спречат ширењето на лажни вести во случаи на елементарни непогоди, војни или пандемии.
За таа цел тие ќе треба до Комисијата да достават детален годишен извештај за т.н. „системски ризици што ги претставуваат за Европејците“, како и да преземат мерки за ограничување на идентификуваните ризици, преку прилагодување на нивните алгоритми, создавање алатки што ќе им овозможат на родителите да контролираат што гледаат нивните деца, воведување инструменти за потврдување на возраста на корисниците, како и јасно назначување на содржините, како фотографии или видеа, генерирани од алатки за вештачка интелигенција.