Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Украина, Зеленски

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на самиот Украина – Југоисточна Европа, денеска во Тирана оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Двајцата претседатели разговараа за последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници.

Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека Северна Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Руската Федерација врз Украина која претставува повреда на Повелбата на ОН и принципите на ОБСЕ.

Истовремено, претседателот Пендаровски наведе дека нашата земја се приклучи на Кримската платформа, ја усвои Декларацијата за осуда на воените напади против територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, се приклучи на Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина, на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и го поддржа формирањето на Специјалниот трибунал, кој ќе ги истражува и гони сите злосторства на агресија извршени од страна на Руската Федерација.

Воедно, претседателот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Северна Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата изрази благодарност за цврстата позиција и севкупната поддршка којашто Украина ја добива од нашата земја.