Денеска и утре во Брисел ќе се одржи дводневна министерска средба на НАТО.

Средбата ќе започне претпладнево со состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, а попладне ќе се одржи заседание на Советот НАТО-Украина, на која ќе присуствува и шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон.

Во доцните попладневни часови ќе се одржат церемонии за потпишување на договорите за пристапување на НАТО кон проектот „Обука за летање во Европа“ и кон „Европската иницијатива за небесен штит“ (ЕССИ).

Средбата продолжува утре со состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана или нивни претставници, по што во попладневните часови ќе се одржи церемонија на потпишување на договорот за приклучување на НАТО кон програмата „Управувањето со воздушниот простор“ (АЕР).

На оваа прва средба на НАТО, на ова ниво по јулскиот Самит на Алијансата во Вилнус, се очекува главни теми да бидат случувањата во Израел и најновиот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина.

Како што јави „Политико“, во Киев постои загриженост дека ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас би можело да го оттргне вниманието на светот од нејзината војна против Русија, како и дека постои чувство оти во некои членки на НАТО се намалува поддршката за Украина.

Се очекува прашањето за овие грижи на Киев да го покрене украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на украинскиот Парламент, Олександр Мережко, претходно изјави дека во Киев постојат такви стравувања, но дека лично тој смета дека нема основа за нешто такво.

– Мислам дека на крајот нема да биде проблем, бидејќи САД се толку моќна земја во економска и воена смисла, што можат добро да обезбедат финансиска и воена поддршка и за Украина и за Израел во исто време, изјави Мережко.

Пратеникот во украинската Рада, Јарослав Жележјанк смета дека појавата на „уште еден голем воен конфликт не помага да се фокусира вниманието на светската заедница само на Украина“. Сепак, според него, се уште е рано да се процени дали избувнувањето на конфликтот во Израел ќе го промени светското расположение или пак спротивно „ќе ги консолидира демократиите против поширокиот опсег на закани“.

Анонимен висок претставник на американското Министерство за одбрана изјави дека САД се сигурни оти можат да ги поддржат и Израел и Украина, истакнувајќи дека „постојано се проценува“ нивото на резерви на муниција низ целиот свет.

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, исто така, се обиде да ги смири стравувањата на Киев нагласувајќи дека меѓу членките на Алијансата не постои „замор од војната“ кога станува збор за поддршката за Украина, најавувајќи дека земјата во блиска иднина ќе може да очекува испорака на авиони Ф-16.

Со сличен став се огласи и данската премиерка Мете Фредериксен, која се споменува како можен иден генерален секретар на НАТО.

– Се додека Украина е подготвена да ја води оваа војна за нашата слобода, нема да се случи замор од војната во нашата трансатлантска заедница, изјави Фредериксен.