Лидерите на членките на Г7 – САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Канада порачаа дека се погрижиле Украина да ја има потребната финансиска поддршка за оваа година и почетокот на 2024 година.

Тие ја повторија својата посветеност да обезбедат финансиска и воена поддршка на Киев во борбата против Москва. Рекоа дека преземаат нови чекори за да се осигураат дека руската агресија врз Украина нема да успее и да го поддржат украинскиот народ во „потрагата по праведен мир заснован на почитување на меѓународното право“.

Најавија и нови санкции против Русија. Мерките ќе го ограничат извозот на стоки „критични за Русија на бојното поле“, се вели на самитот на Г7 во Хирошима, Јапонија, кој ќе трае до недела.

Санкциите ќе бидат насочени и кон групи кои ја снабдуваат Москва со залихи на фронтот во Украина.

На самитот во Јапонија ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што објави во петокот агенцијата АФП, не се знае кога Зеленски ќе пристигне во Хирошима.

Официјалната програма на самитот на Г7 првично предвидуваше дека Зеленски ќе се приклучи на конференцијата во недела, преку видео врска.