Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека постојат јасни знаци оти рускиот претседател можеби се подготвува за употреба на хемиско и биолошко оружје во Украина. Според Бајден, Путин е притиснат до ѕид поради украинскиот отпор и постои ризик за поостри тактики. Бајден ги повика американските компании да ја зголемат својата дигитална безбедност бидејќи разузнавачките информации сугерирале оти Русија размислува да изврши сајбер напади врз клучни американски инфраструктурни цели.

„И она што многу, многу сакам да го спомнам е една од алатките што тој најверојатно ќе ги користи, според мене, според наше мислење, тоа е сајбер напад. Тие имаат многу софистицирана сајбер способност“, рече Бајден.

Кремљ ги отфрли обвинувањата дека планира сајбер напади откако беше погоден од бран санкции од западните земји.

„За разлика од многу западни земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, Русија не се занимава со бандитизам на државно ниво“, рече Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател.

Американското министерство за одбрана ја обвини Русија за воени злосторства во Украина, велејќи оти има „јасни докази“ за тоа.

„Ние гледаме јасни докази дека руските сили вршат воени злосторства и помагаме во собирањето докази за тоа“, рече Џон Кирби, портпарол на Пентагон.

На почетокот на овој месец, Обединетото Кралство и 37 други земји испратија досие до обвинителството на Меѓународниот кривичен суд за да истражи руски воени злосторства во Украина.

Шкелзен Аќифи