РУСКА ПРОПАГАНДА: Под плаштот на „анализи“ и „истражувања“ се пласираат манипулативни содржини од хрватски „Индекс“ во македонските портали

ДРАГАН МИШЕВ

Во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ

Тоа што државната новинска агенција МИА го пласираше во рубриката „МИА истражува“ и истото го пренесоа повеќе македонски медиуми, всушност не е никакво истражување, туку едноставно преведен и интегрално пренесен, во најмала рака манипулативен текст со наслов „Зошто Зеленски не сака мир?“ од таканаречениот „независен“ воен аналитичар Марио Буриќ за хрватскиот портал Индекс.хр. Текстот на Буриќ е полн со произволни и паушални тврдења, забележува Мониторинг тимот на Цивил.

Да стануваше збор за истражувачки текст, како што наведува насловот на рубриката на МИА, многу лесно можеше да се побијат „стручните анализи“ на извесниот Буриќ. Наместо тоа, државната агенција МИА реши, со превод на манипулативен текст и исто толку манипулативен наслов, објавен во „истражувачка“ рубрика, да им пласира на читателите содржина која има непосредни допирни точки со наративте на руската пропаганда, а не со случувањата на теренот во реалноста.

Тоа што пропушти да го „истражи“ МИА во пренесените „анализи“ на Буриќ, се неговите произволно искажани сомневања во искреноста на одговорите на Украинците во анкетата објавена на Кијив индипендент. Буриќ во својот текст ја доведува во прашање објективноста и способноста за расудување на Украинците за сопствената земја, небаре тој подобро ги согледува приликите во Украина, иако е оддалечен повеќе од 1.400 километри од Кијив.

Исто така, како што забележува Мониторинг тимот на Цивил, додека Буриќ изнесува тврдења дека американскиот Конгрес нема да ја поддржи помошта за Украина, тоа во моментов е неизвесно и за најголемите познавачи на приликите во највисоките државни кругови во САД, бидејќи сѐ уште се работи на договорот.

Буриќ тврди и дека донациите на оружје и муниција од Запад брзо пресушуваат, а украинските претставници повеќе не одат на состаноци со западните сојузници со, според него, нереални списоци на барања.

Околу (не)точноста на овие тврдења, само еден ден по објавувањето на неговиот текст во хрватски Индекс, на веб-страницата на германската федерална влада, на 4 јануари, беше објавен новиот пакет воена помош кој Германија ѝ го достави на Украина, а кој се состои од систем за противвоздушна одбрана Skynex со муниција, проектили за системот за воздушна одбрана IRIS-T SLM, муниција за тенковите Leopard 2 A6 и речиси 10.000 парчиња артилериска муниција од 155 милиметри.

Дополнително, пакетот на германска помош вклучува и десет пешадиски борбени возила Мардер со муниција и резервни делови, два тенкови за расчистување на мини Wisent 1, два радари за воздушно набљудување TRML-4D, 3.350 борбени шлемови, 30 системи за детекција на беспилотни летала и десет GO12 радари за надгледување на земјата, како и друг вид на дополнителна опрема и резервни делови.

Белгија испраќа два авиони-ловци Ф-16 за тренинг на Украинските пилоти.

Обединетото Кралство донираше 2 миноловци на Кралската морнарица (кои Ердоган во моментов не дозволува да влезат низ Босфор во Црно Море).

Истовремено, Европската унија подготвува резервен капацитет, за да ѝ обезбеди на Украина до 20 милијарди евра помош, што ќе овозможи да се заобиколи ветото на Орбан.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го увери украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе продолжи поддршката од Г7 за Украина во зајакнувањето на воздушниот штит над Украина од варварските руските ракетни напади врз цивилни цели. А за тоа дали се нерални списоците со барања за опрема и оружје со кои ќе се заштитат украинските граѓани од рускиот ракетен терор во кои гинат цивили, меѓу кои  и деца, тоа веројатно му е познато само на Буриќ, а изгледа и дека е ирелевантно за „истражувањето“ на МИА, но и за оние македонските портали кои некритички ја пренесоа статијата на своите страници.

Манипулативен и наведувачки е и самиот наслов, во кој се поставува прашањето „Зошто Зеленски не сака мир?“, иако самиот Зеленски објави 10 точки според кои е подготвен да преговара за мир, а како што на 5 декември објави прес- сервисот на украинскиот претседател, шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак и Тимоти Бароу, советник за национална безбедност на премиерот на Обединетото Кралство, разговараа за подготовките за состанокот на советниците за национална безбедност и политичките советници на шефовите на држави во врска со спроведувањето на украинската Формула за мир. Додека во самиот текст, авторот изнесува „небулозно“ тврдење дека Путин повеќе го посакува примирјето, додека секојдневно врши ракетен терор врз украинските градови во кој гинат цивили и се уништува цивилната инфраструктура.

Впрочем, и самиот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, на 26 декември минатата година, за време на својата прва прес-конференција од почетокот на целосната руска инвазија, токму во врска со ваквите експертски, и нему слични тврдења, ќе изјави:

„Со сета почит кон експертската заедница… некои работи не сакам ни да ги читам. Тие воопшто не разбираат што се случува. И има многу мал процент на експерти со кои навистина може да се согласите.“

За очигледниот аниомозитет кон Зеленски на „независниот“ воен аналитичар, доволно е да се прочитаат насловите на неговите текстови објавени на Индекс.хр.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно бележи голем број прилози во македонските медиуми во кои се искривува вистината и се пласираат руски пропагандни наративи за агресијата против Украина. Редовните извештаи и анализи на руските воено пропагандни во светот и кај нас имаат цел да придонесат кон точното информирање на јавноста за најголемата воена криза во Европа од Втората светска војна наваму.


Во оваа анализа се користени податоци од редовните извештаи на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ.