– Талибанците уапсија девет новинари во Авганистан за нешто помалку од две недели, соопштија Репортери без граници (РСФ), јави ДПА.

Апсењата, како што наведува организацијата, беа извршени за време на рациите во пет провинции во изминатите 11 дена.

-Постои страв и неизвесност меѓу оние кои работат во авганистанските медиуми, изјави извршниот директор на Репортери без граници, Кристијан Мир.

Еден од новинарите е ослободен.

Во понеделникот авганистанската организација НАИ го потврди приведувањето на тројца новинари во јужната провинција Кандахар.

-Нема јасна причина за апсењето на тие новинари, се вели во соопштението на РСФ.

Откако се вратија на власт пред две години, талибанците сериозно ја ограничија слободата на печатот. Оттогаш, стотици медиумски работници ја напуштија земјата. Повеќе од 80 отсто од новинарките во Авганистан престанаа да работат.