Според последните информации од локалните власти во францускиот град Марсеј, две тела се пронајдени под урнатините откако експлозија срамни со земја станбена зграда.

Advertisements

Локалните власти соопштија дека уште шест лица се водат како исчезнати и дека спасувачките акции се во тек.

Во кусото соопштение со кое се информира за пронајдените тела, пожарникарската служба рече дека со оглед на тешкотиите на интервенцијата, извлекувањето на телата од локацијата ќе потрае.

Експлозијата се случи во населбата Ла Плејн, во неделата, неколку минути по полноќ, кога се урна првата зграда, а втората рано утрото. Подоцна делумно се урна и трета зграда. Пет лица се здобија со полесни повреди, а околу 200 луѓе морале да се евакуираат од своите домови кои се сместени во локално училиште.

Околу 100 пожарникари учествуваа во гаснењето на пожарот што гореше од урнатините во текот на вчерашниот ден, кој синоќа беше ставен под контрола.

Пожарот го попречи пребарувањето и им отежна на спасувачите да распоредат кучиња трагачи.

Вчера, Доминик Лоренс, јавен обвинител на градот Марсеј, доцна попладнето одржа прес-конференција на која, по потсетувањето на фактите поврзани со уривањето на зградите, рече дека не е можно да се знае што довело до експлозијата, додавајќи дека ситуацијата сè уште не е стабилизирана.

Францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер напиша дека „мисли на погодените и нивните најблиски“ и им се заблагодари на работниците за итни случаи за нивните напори.

Градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан рече дека спасувачите и понатаму се решени да најдат живи луѓе.