По Украина, следните цели на Русија би можеле да бидат Молдавија и балтичките земји

По Украина, следните цели на Русија би можеле да бидат Молдавија и балтичките земји, а Европа мора да се подготви и да стави до знаење дека може да се брани, предупреди началникот на Генералштабот на белгиската армија, Мишел Хофман.

Хофман за белгискиот весник ВРТ за време на посетата на белгиските војници стационирани во Романија изјави дека Русија веќе покажала „дека има волја да го нападне својот сосед“.

Тој изјави дека говорот на рускиот претседател Владимир Путин е секогаш двосмислен и дека „апсолутно е можно подоцна да има други идеи“.

„Европа мора итно да се подготви и јасно да стави до знаење дека може да се брани и дека ќе возврати ако е потребно“, рече Хофман.

Според него, дури и ако се чини дека руските сили во моментов се ослабени поради тековната војна против Украина, оваа слабост е „привремена“.

„Ако Русија победи во војната, на крајот ќе ја обнови својата воена машина и своите вооружени сили“, предупреди Хофман.

Како што претходно објави Цивил Медиа, САД исто така изразија загриженост дека Путин нема да застане на Украина, додека рускиот диктатор сега се заканува и на Финска во интервју со познатиот руски пропагандист Павел Зарубин, каде изјави дека „ќе има проблеми“ со Финска и дека пристапувањето на Финска во НАТО ги поттикна руските власти да почнат да го формираат Ленинградскиот воен округ и да концентрираат воени единици во северозападна Русија.

Истовремено, според Институтот за проучување на војната (ISW), изјавите на Путин дека Русија нема интерес да го нападне НАТО се многу слични на постојаните тврдења на Кремљ кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година – вклучително и до предвечерието на инвазијата – дека Русија немала намера да ја нападне Украина.

Молдавија, која заедно со Украина на Самитот на ЕУ во Брисел доби позитивна одлука да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ, е под постојани хибридни закани од страна на Русија која има околу 1.500 војници во молдавскиот сепаратистички регион Транснистрија, поддржан од Москва, парче земја сместена меѓу сопствената Молдавија и Украина. Молдавија не е членка на НАТО, и со нејзините вооружени сили кои се состојат од 6.500 професионални лица, додека 2.000 регрути се регрутираат годишно за воена служба, како и со застареното оружје претежно од советската ера,  ја прави погодна цел за руските воено-територијални апетити.

Впрочем, и самиот шеф на руската дипломатија Сергеј Лавров, видно исфрустриран поради тоа што остана маргинализиран на Самитот на ОБСЕ во Скопје, не пропушти да упати закана дека Молдавија ќе биде следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.

Што се однесува до Балтичките земји, Естонија, Латвија и Литванија кои од поодамна се членки на НАТО и Финска, која неодамна се придружи на Алијансата, работите се малку покомпликувани. Сите тие влегуваат под закрилата на системот за колективната безбедност на НАТО, и располагаат со солидни буџети за вооружување, додека во последниве години, сојузниците го зајакнаа напредното присуство на НАТО со воспоставување мултинационални борбени групи како важна компонента на одвраќањето и одбранбената положба на НАТО со неговото воено присуство во источниот дел на територијата на Алијансата.

Естонија која неколку пати низ историјата била окупирана од Русија ( царска, Советска) не престанува да биде цел на аспирациите на руските лидери. Естонците по воената агресија врз Украина живеат во еден вид воена психоза и сметаат дека доколку Русија победи во војната со Украина, следна цел на руска агресија ќе бидат тие, како земја која ја дели својата граница со најнепосакуваниот сосед во моментов.

Споменик на жртвите на комунизмот и советската окупација во Талин

Но, овој пат, Естонија не е сама. Таа е членка на ЕУ и НАТО, и како таква е дел од колективниот одбранбен систем на алијансата. На само 1070 километри од естонско-руската граница, во оклолината на естонскиот град Тапа се наоѓа базата на НАТО. Новинарот на Цивил Медиа , кој во рамките на програмата „ Seeing is Believing“ за градење на јавното разбирање за НАТО и отпорноста на Балканот, заедно со група новинари од Северна Македонија и Црна Гора престојуваше во Талин, Естонија, присуствуваше на секојдневните активности на 3000 припадници на здружените сили на Алијансата и имаше можност да се увери во нивната подготвеност да ги одвратат агресорите од исток во нивните намери да ги загрозат слободата и демократските вредности на сојузниците.

НАТО база во Тапа, Естонија

Во НАТО контингентот во базата во Тапа партиципираат војници од вооружените сили на Естонија, Обединетото Кралство, Франција и САД, кои се тука, меѓу другото, и да ги тренираат естонските војници да ги опслужуваат системите за одбрана ХИМАРС, кои се покажаа особено ефикасни против руските агресори во Украина.

Во рамките на одбраната од руските сајбер напади и хибридни закани, не само врз Естонија, туку и врз останатите емји членки, во Талин е сместен и функционира Центарот за извонредност за соработка на НАТО за кибернетска одбрана е мултинационален и интердисциплинарен центар за сајбер одбрана (ЦЦДЦОЕ) во кој учествуваат сите земји членки на ЕУ и НАТО, како и девет надворешни членки,меѓу кои и Јапонија, Јужна Кореја, Украина.

Кооперативниот центар за извонредност за сајбер одбрана на НАТО (CCDCOE) во Талин, Естонија

Во Центарот секој декември, експертите за офанзивни сајбер операции се собираат од целиот свет на годишната вежба Вкрстени мечеви ( Crossed sword), која се одржа иоваа година од 12 до 14 декември. Кооперативниот центар за извонредност за сајбер одбрана на НАТО (CCDCOE) во Талин, Естонија е домаќин на оваа вежба со партнери, што е единствена можност да се обучат сајбер специјалисти за успешно спроведување на офанзивни сајбер операции со целосен спектар. Вежбата се одвива во фиктивен амбиент во кој пријателската островска држава Берилија е во спор со непријателската јужна островска земја Кримсонија.

Учесниците не се само сајбер оператори, туку и експерти за дигитална форензика кои имаат можност да се вклучат во лов на закани и други активности за обука.  На последната вежба на која учествувале 38 нации, 375 планери и девелопери биле симулирани осум илјади напади на електричната мрежа. Со обука на офанзивни сајбер специјалисти, земјите-учеснички имаат искуство во спроведување и управување со офанзивни сајбер операции и можат да послужат како механизам за одвраќање против противниците кои можат да планираат сајбер кампањи против овие земји.

Се чини дека, барем што се однесува до Балтикот, рускиот диктатор прави сметка без крмар. Сепак, предизвиците од непресметливото однесување на властодржецот во Кремљ се на високо ниво.

Драган Мишев