Почнува големата мултимедијална конференција „Украина – две години хероизам“

Денес во Музејот на македонската борба за независност, со почеток во 10 часот започнува  големата мултимедијална конференција под наслов „Украина – две години хероизам“, во организација на Амбасадата на Украина во соработка со македонската граѓанска организација ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и Амбасадорката на Украина Лариса Дир се првите говорници на конференцијата, а по нив следат обраќањата на премиерот Талат Џафери, вицепремиерите Бојан Маричиќ, Славица Грковска, министрите Бујар Османи и Славјанка Петровска и други високи претставници на државните институции.

Во втората сесија на оваа ќе говорат дипломатските претставници на ЕУ, САД, Велика Британија, Шведска, Албанија, Чешка, Франција, Јапонија, Германија, Полска и Литванија.

Во музејот ќе бидат поставени и две изложби. „Проект Украина: Доживување на војната“, електронска изложба со виртуелна реалност и „Поштенска картичка од Украина“, изложба на фотографии.

Програмата предвидува и промоција на книгата „Украина – години на хероизмот“ од Џабир Дерала.

Високите безбедносни мерки налагаат претходна најава за присуство, а телевизиските екипи и фоторепортери треба да пристигнат најдоцна во 9:20 часот.

Настанот ќе биде пренесуван во живо на медиумската платформа на ЦИВИЛ, на Фејбук профилот и Јутуб видео каналот на организацијата.

ЦИВИЛ Тим за комуникации