Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони почина на 86-годишна возраст, објавија италијанските медиуми. Тој почина во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано.

Овој бизнисмен и политичар пред неколку дена повторно беше примен во болница, откако пред речиси две години беше хоспитализиран поради белодробна инфекција поврзана со хронична леукемија.

Силвио Берлускони беше италијански бизнисмен и политичар кој беше премиер на Италија.

Тој беше на чело на политичкото движење Напред Италија, партија која беше официјално основана во јануари 1994 година, за првпат да учествува на општите избори во март истата година.

Берлускони беше премиер кратко време – седум месеци во 1994 година, пред повторно да биде назначен на истата позиција во 2001 година.

Втората влада на Берлускони е најдолгата во историјата на Италијанската Република. Но, на 20 април 2005 година тој понуди оставка на својата влада по поразот на регионалните избори и внатрешните проблеми во коалицијата. Потоа, на 23 април 2005 година, формираше нова влада без поголеми промени во нејзиниот состав.

На 12 ноември 2011 година Берлускони му поднесе оставка на италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, по губењето на парламентарното мнозинство и големата економска криза што ја зафати земјата.

Берлускони беше и сопственик и основач на медиумските компании кои многумина ги нарекуваат „италијанска медиумска империја“. Според магазинот Форбс, Силвио Берлускони беше најбогатиот човек во Италија со имот вреден 12 милијарди долари во 2005 година, а беше и 25-ти најбогат човек во светот.

Тој исто така беше претседател на фудбалскиот клуб ФК Милан помеѓу 1986 и 2004 година