Глобалното затоплување, кое се забележува сега, е најсилното во последните 200 000 години, изјави Петри Талас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (СМО), специјализирана агенција за метеорологија при Обединетите нации (ОН).

„Почнавме да ги користиме фосилните ресурси на планетата – нафтата и гасот и тоа доведе до зголемени емисии на јаглерод диоксид во атмосферата, како што се стакленички гасови кои ја зголемуваат температурата во долниот дел од атмосферата. Толку многу затоплување немало во последните 200 000 години. Постојат многу јасни научни докази дека тоа не би било можно без интензивното согорување на јаглен, нафта и гас“, објаснува Талас.

Воедно, тој побара да не се мешаат поимите „климатски промени“ со „флуктуација на времето и додаде оти промените на времето се случуваат од година во година, ден по ден, секоја недела.

„Набљудуваме метеоролошки аномалии. Понекогаш во некој регион сезоната е многу студена во споредба со претходната година, а понекогаш е многу потопла од претходната година. Но, мораме да ги следиме глобалните и регионални статистики“, рече генералниот секретар на СМО, посочувајќи на природните флуктуации како што е природниот феномен Ел Нињо.

Како што нагласува тој, овие флуктуации влијаат на температурите на океаните, како и на просечните глобални температури и ги спореди овие аномалии со употребата на допинг во спортот.

„Земете ги, на пример, скијачите кои покажуваат забележителни резултати, а кога се користи допинг, тие ќе покажат уште подобри резултати. Ја ‘допингувавме’ атмосферата и таа стана побрза. Затоа сме сведоци на екстремни температури, силни поплави, суши и тропски бури“, појасни Талас.