– Европската унија мора да се подготви за нагло зголемување на појавата на синтетичката дрога фентанил, изјави европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон за Политико.

„Мора да бидеме многу внимателни и многу подготвени“, рече Јохансон.

ЕУ веќе го зајакнува мандатот на својата агенција за дроги, која се занимава и со здравствените и безбедносните аспекти на недозволените дроги, и им дава „многу поголема моќ и двојно повеќе ресурси“, додава Јохансон.

Оваа реакција доаѓа по предупредувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Европа или се уште не открила проблем со синтетичките дроги или наскоро ќе открие.

Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е причина за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година.

Акциониот план на ЕУ за борба против трговијата со дрога, објавен од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во нејзиното обраќање за состојбата на Европската унија, ќе биде започнат до крајот на оваа година, потврди Јохансон.

Прикажи повеќе