„Се започнува од детството“ – кумановска професорка шири руска пропаганда кај своите малолетни ученици

Колку и да се трудат некои релативизатори во тврдењето дека во Северна Македонија нема руско влијание и пропаганда, реалноста секојдневно го потврдува токму спротивното. И додека погледите најчесто се свртени кон одредени политичките ентитети и медиумите како најревносни во ширењето на руската пропаганда, истата се спроведува на едно многу помалигно ниво, и ги таргетира децата во нивната најрана возраст.

Така, една професорка од Куманово, на многу суптилен и перфиден начин ги злоупотребува децата од нејзиното училиште за ширеше на руската пропаганда.

Професорката која е голем русофил, што може да се забележи од нејзиниот Фејсбук профил каде споделува објави кои ги величаат рускиот јазик, како повици за студирање во Русија ( која ја прогласи Македонија за непријателска земја) од српски извори;

– клипови со aктери од Србија (традиционален воен и геополитички сојузник на Русија) кои глумат во руски филмови и ги убедуваат децата, според неа, да „направат паметан избор“;

– соопштенија од руската амбасада во Скопје која „евидентира“ неистомисленици во земјава, етикетирани како „русофоби“, што претставува непримерна и класична закана, и постови и фотографии од средби со рускиот амбасадор во земјава на доделување на награди на детски ликовен конкурс по повод „Денот на Русија“ (уште една очигледна злоупотреба на деца на руските пропагандисти);

– споделување на постови од честите средби на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски со рускиот амбасадор;

– фотографии од погребни церемониии во Русија со присуство на припадници на руската армија и руското свештенство во оддавање почит на руските војници;

– воодушевена од руската воена моќ споделува преноси во живо на паради на победата од држава агресор, одговорна за страшни разорувања на цивилната инфраструктура, вклучително и голем број училишта, како и огромен број цивилни жртви, меѓу кои и многу загинати и осакатени деца во Украина.

Таа го споделува достигнувањето на нејзините две ученички кои ја понеле титулата „лауреат“ на фестивалот за детско и младинско творештво со прилично адекватно име „Се започнува од детството“… па така и руската пропаганда.

Професорката Коцевска, која се труди да го пренесе своето знаење и да ја поттикне љубовта во изучувањето на рускиот јазик е горда на успесите на своите ученички, кои самите (со сесрдна помош од професорката-русофилка) „осознаваат“ дека потребата од знаењето на рускиот јазик веќе е реалност.

Децата рускиот јазик почнуваат да го учат во основното училиште, а подоцна ја засакалe културата, традициите и обичаите на Русија, преку учество на многубројни приредби и настани на кои, под диригентската палка на својата менторка, пејат руски песни и рецитираат поезија од познати руски поети.

Професорката Коцевска успеала да им вметне на своите индоктринирани ученици дека знаењето на рускиот јазик многу ќе им користи во иднина, бидејќи тој е вториот најраспространет јазик на Интернет, иако и тоа не е точно, и ако самите побараат на Интернет, без асистенција на професрорката, ќе видат дека втор, по англискиот, е шпанскиот.

Но, за жал, не е прв пат кумановската професорка ревносно да ја спроведува руската доктрина “од мали нозе“ да се влијае на обликување на детската психа (како што е именуван и фестивалот „Се започнува во детството“ каде учествуваат нејзините ученички), и ако сега тоа го прави посуптилно, во 2009 година нејзинит ангажман во регрутирање на идни поддржувачи на „рускио свет“ бил прилично експлицитен, кога неколку деца од Македонија, со нејзина придружба, присуствуваат на парада во Санкт Петерсбург, Русија, облечени во некакви милитантно – комсолмолски униформи, со баретки на главите и оружје (најверојатно реплики на автоматската пушка Калашников) во рацете, каде на униформите го носат (злоупотребувајќи го) македонското знаме покрај лентата на Св. Георги, симболот на империјална Русија, која сега, 14 години по тој настан, рашистите наголемо ја користат во нивната воена агресија врз Украина.

Горда на плодната руско – македонска соработка (со индоктринација на малолетници со ставање оружје во нивните раце, како што таа ја подразбира) во нејзина организација, таа потсетува во пост објавен во 2017 година, каде вели:

„А еве како беше на денешен ден пред седум години. Дел од РУСКО-МАКЕДОНСКАТА соработка во Санкт-Петербург“

Самото изучување на рускиот јазик, а со него и руската култура, напротив, е добро, зошто човекот е толку побогат колку повеќе странски јазици знае, но проблем претставува неговата злоупотреба во пропагандни цели, глорифицирање на Русија како воена сила и во тој контекст ставањето на оружје во рацете на малолетни деца, како и испраќањето на деца во земја која Македонија ја прогласила за непријателска, и истовремено својот јазик и култура го користи во пропагандни цели додека врши отворена агресија врз соседна суверена држава, секојдневно вршејќи воени злосторства, ракетен терор и гранатирање на цивилни цели во Украина, во кои гинат недолжни цивили, меѓу кои и украински деца и ученици.

По ова, Мониторинг тимот на Цивил нотира дека, откако Русија ја прогласи Северна Македонија како непријателска земја која како членка на НАТО во евентуален судир меѓу Русија и Алијансата, Македонија ќе и биде легитимна мета, професорката со испраќањето на децата на фестивали, натпревари и студиски престој во непријателска средина ги изложува на потенцијална опасност.

Мониторинг тимот на Цивил ги бележи сите облици на руската пропаганда во Македонија, и за жал, мора да констатира дека таа ги зафаќа сите сфери на македонското општество, почнувајќи од најраната возраст, што е особено загрижувачко.

Цивил како организација за човекови права и слободи во континуитет ги осудува сите облици на злоупотреба на деца и нивна индоктринација во служба на странски малициозни влијанија, и ги повикува образовните институциите да реагираат во заштита на децата, но и безбедносните служби во заштита на безбедноста на државата.

Цивил Мониторинг Тим