Нови руски напади врз Херсон во текот на ноќта, најмалку четири лица загинаа

Најмалку четири лица загинаа, а девет се повредени во синоќешните руски напади врз јужниот украински град Херсон, изјави регионалниот гувернер.

Украинската армија во редовен дневен извештај објави дека пресретнала 14 од вкупно 15 беспилотни летала испратени од Русија во Украина.

Руската армија речиси секојдневно спроведува артилериски напади врз Херсон, во јужниот дел на земјата.

„Во текот на изминатата ноќ руската армија го бомбардираше центарот на градот Херсон“, напиша регионалниот гувернер Олександер Прокудин во порака на Телеграм.

Тој изјавил дека проектилот погодил станбена зграда, каде загинале 87-годишен маж и неговата 81-годишна сопруга, а 54-годишно лице се здобило со повреди на главата и нозете.

На друго место во центарот на Херсон, спасувачките тимови пронашле тело на уште едно лице додека ги расчистувале урнатините.

Во изминатите 24 часа, најмалку четири лица загинаа, а девет се ранети, меѓу кои и едно дете, во руските напади врз Херсон, наведе Прокудин на Телеграм.

„Руската армија погоди станбени области во таа област, медицински установи, училиште и неопходна инфраструктура во Херсон“, рече гувернерот, без да даде повеќе детали за материјалната штета.

Г. Т.