Недоличното однесување на Трамп го чини 83,3 милиони долари

Поротата во Њујорк соопшти дека Доналд Трамп мора да плати 83,3 милиони долари на Е Џин Керол, писателка за која беше откриено дека ја клеветил негирајќи го нејзиното тврдење за сексуален напад. Правните експерти велат дека исходот од спорот е порака до поранешниот претседател да престане да ја валка. Но, сето ова ќе промени нешто?

Минатата година Керол победи во друг граѓански случај во кој посебна порота го прогласи Трамп за правно одговорен за сексуално злоставување и клевета и ѝ додели отштета од 5 милиони долари, пренесува Би-Би-Си.

Исходот од првиот случај не го одврати поранешниот претседател да ја негира приказната на Керол, притоа напаѓајќи ја и тврдејќи дека никогаш не ја сретнал.

Но, по вчерашната голема правна сметка, тој не го оцрни поранешниот колумнист на Elle во својата реакција на интернет, туку случајот го нарече „Лов на вештерки во режија на Бајден“.

Трамп – кој моментално се соочува со четири кривични обвиненија и наскоро би можел да искешира уште милиони долари во граѓански суд во Њујорк поврзано со деловна измама – честопати вели дека случаите против него се политички мотивирани.

Адвокатите на Керол во текот на судењето истакнаа дека Трамп сè уште ја клевети и во и надвор од судот.

Во завршните зборови, тие побараа од поротниците – седум мажи и две жени – да изведат каква казна ќе „го натера да запре“.

„Ова е голема сума. Ова е многу, многу голема сума“, рече Дмитриј Шахневич, адвокат и професор на колеџот за кривична правда Џон Џеј.

„Она што го вели поротата е дека ова е богат човек кој не запира и единствениот начин да го спречите е да го повредите [финансиски]“.

Од 83 милиони долари доделени на г-ѓа Керол, 65 милиони долари од нив се казнена отштета. Наградата за казнена штета „се потпира на сериозноста на однесувањето“, истакна проф Шахневич.

И, иако екс-претседателот ја сигнализира својата намера да поднесе жалба, правни експерти изјавија за Би-Би-Си дека најверојатно нема да победи.

Професорот по право на Универзитетот во Ричмонд, Карл Тобијас, рече дека „недоличното однесување на републиканецот во текот на судењето“ му наштетило на неговиот случај.

Подготви: Марта Пешевска