Министрите за надворешни работи на Групата седум водечки индустриски демократии (Г7) по состанокот во Токио објавија заеднички став за состојбата меѓу Израел и Хамас, пренесува Си-ен-ен.

Во заедничка декларација, како што пишува Си-ен-ен, повикаа на олеснување на хуманитарните паузи во Газа за поддршка на испораката на помош, цивилното движење и ослободувањето на заложниците, но не повикаа на прекин на огнот.

Министрите на Г7, во заедничката изјава објавена по состанокот во Токио, изразија поддршка за Израел да се брани во согласност со меѓународното право, го осудија Хамас и повикаа на итно ослободување на сите заложници кои се држат во енклавата.

Тие, исто така, изразуваат поддршка за „хуманитарни паузи за да се олесни доставувањето на помошта која е итно потребна, движењето на цивилите и ослободувањето на заложниците“.

„Ја нагласуваме потребата од итна акција за решавање на влошената хуманитарна криза во Газа. Сите страни мора да дозволат непречена хуманитарна поддршка за цивилите, вклучувајќи храна, вода, медицинска нега, гориво и засолниште, како и пристап за хуманитарните работници. Ние ги поддржуваме хуманитарните паузи и 2 коридори за да се олесни итно потребната помош, движењето на цивилите и ослободувањето на заложници“, се вели во соопштението на министрите за надворешни работи на Г7.

Во нивната изјава, исто така, се вели дека земјите од Г7 се посветени да работат со партнерите за да подготват одржливи долгорочни решенија за Газа и да се вратат на поширок мировен процес што може да доведе до решение со две држави.