Макрон повторно одбива да ја исклучи можноста за испраќање западни трупи во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон ги предупреди западните сили да не покажуваат знаци на слабост кон Русија и ја повтори својата позиција дека не треба да се исклучи можноста за испраќање на западни трупи во Украина, иако, моменталната ситуација, според него, не го изискува тоа, пренесува АПњуз.

Во интервју за француската национална телевизија ТФ1 и Франс 2, Макрон беше запрашан за можноста за испраќање западни трупи во Украина, прашање што тој јавно го покрена минатиот месец.

„Денес не сме во таква ситуација“, рече тој, но додаде дека „сите овие опции се можни“.

Макрон, кој е врховен командант на вооружените сили на земјата, одби да опише во која ситуација Франција би била подготвена да испрати војници. Тој рече дека одговорноста за поттикнувањето таков потег ќе биде на Москва и дека Франција нема да води офанзива во Украина против Русија.

Но, тој исто така додаде: „Денес, за да имаме мир во Украина, не смееме да бидеме слаби“.

Макрон ја опиша руско-украинската војна како „егзистенцијална“ за Франција и Европа.

„Ако војната се прошири во Европа, тоа ќе биде единствен избор и единствена одговорност на Русија. Но, ако денес одлучиме да бидеме слаби и одлучиме дека нема да одговориме, веќе сме прогласиле пораз. А, тоа, воопшто не ми се допаѓа“, рече тој.

Минатиот месец, францускиот претседател се најде изолиран на европската сцена, откако неговите забелешки на конференцијата во Париз за Украина предизвикаа негодување од другите лидери. Шолц, особено, се спротивставува на ставовите на Макрон, велејќи дека учесниците се согласиле дека „нема да испраќаат копнени трупи од европски земји“ на украинска територија.

Француските власти подоцна се обидоа да ги разјаснат забелешките на Макрон и да ја намалат реакцијата, истовремено инсистирајќи на потребата да се испрати јасен сигнал до Русија дека не може да победи во Украина.

Шолц во средата ги отфрли сите шпекулации за несогласувањата меѓу Франција и Германија, велејќи дека има „многу добри лични односи“ со Макрон.

Франција, Германија и Полска ќе се сретнат како таканаречен Вајмарски триаголник, а групирањето е особено важно сега кога „сите сме толку загрижени за ужасните последици од руската агресивна војна врз Украина“, рече Шолц.

М. П.