Литванија ќе помогне во финансирањето на чешкиот план за зајакнување на испораката на муниција за Украина

Литванија ќе влезе во чешката иницијатива за набавка на артилериска муниција за Украина, која е нападната од Русија повеќе од две години.

Литванската премиерка Ингрида Симоните денеска во телефонски разговор му го дала ова ветување на својот чешки колега Петр Фиала, пренесе ДПА.

– Литванија се приклучува и ќе ја финансира чешката иницијатива за муниција, напиша таа на X.

– Литванија ќе придонесе за сите меѓународни напори што ја приближуваат Украина до нејзината и до нашата победа, нагласи таа.

Чешка работи на собирање финансиска поддршка за планот да купи големи количества артилериска муниција за Украина од земји кои не се членки на ЕУ.

Литванија, која граничи со Русија, е еден од најверните поддржувачи на Кијив меѓу западните поддржувачи. Резервите муниција на ЕУ за Украина се речиси празни.