Ларсон Јаин: Шведска ќе продолжи со помошта кон Украина, бидејќи вашата кауза е и наша

Шведска дава безрезервна поддршка на битката на Украина за враќање на мирот и демократските вредности како и нејзиното членство во Европската унија, истакна амбасадорката на Шведска Ами Ларсон-Јаин во своето обраќање на мултимедијалната конференција под наслов „Украина – две години хероизам“, во организација на Амбасадата на Украина во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„Една демократска земја беше нападната од авторитарна држава, а таа се спротистави. Ако сакаме да живееме во мир и демократија треба и да ги браниме овие придобивки. Поддршката на Шведска кон Украина од самиот почеток е безрезервна, тоа го покажавме со повеќе пакети помош, а и најновиот што неодамна го изгласа владата на Шведска. Исто така ги поддржуваме санкциите на Европската унија кон Русија, како и можноста замрзнатите руски средства да се користат за помош кон Украина“, рече Ларсон-Јаин во својот говор на денешната конференција.

Според неа дури и во услови на војна Украина успешно работи на реформите и напредува на патот кон ЕУ.

„Добро е познато дека геополитичката ситуација наложи да се забрзаат реформите, Украинците се реформираат како животот да им зависи од тоа, што всушност е и така.  Во интерес на мојата земја е сите кандидати земји да се приближат што поскоро кон членството во ЕУ., рече Ларсон-Јаин.

„Живеевме тешки времиња, Шведска ќе продолжи со помошта кон Украина, бидејќи вашата кауза е и наша кауза.“, заклучи таа.

А. В.

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Фотографија: Биљана Јордановска