Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун пристигна во Русија пред средбата со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Министерството за одбрана на Јужна Кореја.

„Имаше индикации дека приватниот оклопен воз на Ким ја преминал границата со Русија утрово“, соопшти Министерството за одбрана во Сеул.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата на Путин со Ким ќе се одржи на Далечниот Исток на Русија, објавија руските медиуми. Песков рече дека ќе има средби меѓу двете делегации и разговори во четири очи пред официјалната вечера.

Севернокорејските државни медиуми претходно потврдија дека Ким тргнал за Русија од Пјонгјанг со оклопен воз во неделата попладне.

Кремљ вчера ја потврди планираната средба меѓу Ким и Путин во рускиот град Владивосток на руското крајбрежје на Тихиот Океан.

„Ким ќе престојува во официјална посета на Русија во наредните денови и ќе се сретне со Путин на покана на рускиот лидер“, соопшти Кремљ на својата официјална веб-страница.

„Њујорк тајмс“ објави дека Ким планира да преговара со Путин за снабдување со оружје. Ким многу ретко ја напушта Северна Кореја, а кога ја напушта, патува со оклопен воз.

Според извештајот на „Њујорк Тајмс“, посетата треба да се случи на маргините на економскиот форум во Владивосток, на источниот брег на Русија, закажан за 10-13 септември.