ИФЈ ќе го тужи Израел доколку не престане со нападите врз новинарите во Газа

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) ќе преземе правни мерки против израелските политичари и воени лидери, доколку не се обврзат да ги почитуваат наредбите на Меѓународниот суд на правдата, во врска со нападите врз новинарите.

Претседателот на ИФЈ, Доминик Прадалие и генералниот секретар Ентони Беланџер испратија писмо до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант во кое потенцираат дека 600.000 членови на ИФЈ ги сметаат новинарите на Газа за нивни колеги.

Во писмото ИФЈ посочува дека бројот на убиени новинари „е околу трипати поголем од оној на здравствените работници“ и дека е „невозможно да се верува дека тоа е случајност“.

ИФЈ наведува дека обединува 600.000 новинари во повеќе од 140 држави.

„Се надеваме дека хуманоста и желбата да се промовира слободата на медиумите е доволна причина да ве убедиме да ги преземете овие чекори. Ако тоа не се случи, нема да се двоумиме да иницираме акција пред меѓународните судови против израелските политичари и воени команданти и да ги охрабриме нашите 187 филијали да го сторат истото, онаму каде што домашните закони дозволуваат“, истакнува Меѓународната федерација на новинари.

Од почетокот на војната на Израел против Хамас, во Газа се убиени најмалку 120 новинари.

Г. Т.