Интерпол: Се соочуваме со епидемија на прекуграничен организиран криминал

Меѓународната полициска организација Интерпол соопшти дека е регистрирано драстично зголемување на организираниот криминал од прекуграничните мрежи и предупреди дека овие банди само ќе станат помоќни.

Ова го пренесе ДПА, повикувајќи се на изјава на Јирген Сток, генерален секретар на организацијата со седиште во Лион.

Се соочуваме со невидена епидемија на прекуграничен организиран криминал. Глобално активните криминални групи стануваат помоќни, повлијателни, поопасни и склони кон насилство на нашите улици, истакна Сток.

Борбата против организираниот криминал мора да ја води целото општество, рече Сток, додавајќи дека „стабилноста на нашите заедници е загрозена“.

Ниту една земја или регион не може сама да се справи со безбедносната криза, заклучи шефот на Интерпол.

Со 196 земји-членки, Интерпол е најголемата полициска организација во светот и ја координира меѓународната полициска соработка. Нејзиниот претходник беше структурата за соработка меѓу полициските власти, основана во 1923 година во Виена. Преку Интерпол, земјите-членки разменуваат информации за барани лица.