Израелски ракетен напад во околината на Дамаск, три лица загинаа

Околината на сирискиот главен град Дамаск денеска беше цел на израелски воздушни напади во кои загинаа најмалку три лица, објави Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон. Според невладината организација, во нападот врз населба „со куќи на припадници на сириската армија и високи функционери“ повредени се голем број луѓе, јави Тајмс од Израел.

Официјалната новинска агенција Сана, повикувајќи се на воен извор, објави дека „по полноќ, израелскиот непријател извршил воздушна агресија (…) насочена кон повеќе цели во околината на Дамаск“, додавајќи дека „системите за противвоздушна одбрана пресретнале неколку ракети, додека други предизвикале материјална штета“.

Сириската опсерваторија, исто така, известува дека „вчера областа на воениот аеродром Мазе, западно од Дамаск, била цел на напад“, без да прецизира кој стои зад ракетниот напад.

Имено, додава SOHR, „таму се присутни милитантни групи, вклучувајќи го либанскиот шиитски проирански Хезболах и други проирански вооружени групи“. Од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година, израелската војска извршила стотици напади против овие групи.

Од почетокот на војната со Хамас минатиот октомври, израелската војска ги зајакна нападите врз вооружените групи поддржани од Иран, сојузник на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад и клучен спонзор на либанскиот Хезболах.

Израел вели дека нема да дозволи зајакнување на присуството на Иран во Сирија.

Г. Т.