Израелската армија објави дека влегла во комплексот „Ал Шифа“, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат.

Д-р Мунир ал-Бурш, генерален директор на Министерството за здравство на Газа, изјави за Ал Џезира дека израелските сили влегле во западниот дел на здравствениот комплекс.

„Се слушаат големи експлозии, а прашина доаѓа до областа каде што се наоѓаме. Веруваме дека експлозијата се случила во самата болница“, изјави Бурш.

Неколку часа подоцна, портпаролот на министерството Ашраф ал-Кидра за медиумите изјави: „Окупациската војска сега е во подрумот и го пребарува“.

„Тие се во комплексот, пукаат и гранатираат. Израелските сили најпрвин ги нападнаа хируршките и итните оддели“, изјави Мохамед Закут од Министерството за здравство.

Според последните извештаи од „Ал Шифа“, во болницата сè уште има неколку стотици пациенти и медицински персонал, како и неколку илјади луѓе кои побарале засолниште таму.

Д-р Бурш рече дека медицинскиот персонал ја одбил наредбата на израелските одбранбени сили да се евакуираат бидејќи не сакале да ги напуштат околу 700 пациенти кои инаку би умреле.