Атанас Величков

Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа пред 4 дена во Брдо-Крањ Словенија ги постави сите можни карти на масата, што се однесува до „ќорсокакот“ во којшто се наоѓаат очекувањата на власта во РС Македонија дека Бугарија наивно како што тоа го правела во минатото, ќе „замижи“ пред фактот дека кај нас, можеш да бидеш секаков, но ако си Бугарин (со или без бугарска патна исправа) си некаков предавник, платеник или странски агент (најчесто на Каракачанов). Тие филмови веќе сме ги гледале и не се доволно добри како например трилогијата„Кум на Френсис Форд Копола. Во нашиот филм глумци се Зоран Заев, Никола Димитров, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, кои одамна веќе се прочитани ликови.

Тешкиот збор на Европската Унија е јасен, РС Македонија е добредојдена во семејството, но прво треба да го реши проблемот со Бугарија. Бугарија од своја страна е исто така кристално јасна, РС Македонија треба да го прекине процесот на системска дебугаризација, да ги внесе Бугарите во Уставот, да го прекине говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите. Бугарскиот претседател Румен Радев беше повеќе од јасен. Бугарија нема да каже „ДА“ за старт на преговорите на РС Македонија се додека нема јасни правнообврзувачки дека ќе бидат направени потребните чекори за конечно историско помирување меѓу Софија и Скопје.

Кој е јунакот кој ќе се исправи пред „лошиот“ генерал Радев? Одговорот не задоцни, а колку и да ви изгледа чудно, први го најавија најголемите ривали на јунакот- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот потпретседател Александар Николоски. Тие побрзаа да ја завршат својата работа, испраќајќи порака до Брисел, дека единствениот човек што би можел да донесе некакво какво такво решение за бугарско-македонскиот спор е токму Зоран Заев. Со тоа му обезбедија уште еден мандат како прв човек на македонската Влада, бидејќи на сите ни е јасно дека решение и старт на преговорите мора да има. Кој ќе се нафати да го реши проблемот? Се разбира дека тоа треба да биде Заев, бидејќи ако Мицкоски имаше капацитет да не биде толку „математички прецизен“, туку барем малку вешт политичар, одамна ќе го симнеше Заев од власт и денес тој ќе беше човекот за одлука. Но Мицкоски со неговиот скапоцен „патриотизам“ не може да си дозволи да биде на власт додека РС Македонија формално правно раскрстува со лагите за македонската етничка припадност на преродбениците, комитите и војводите, како што раскрсти со античките приказни за мали деца по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција. За да биде уште појасен, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дури си дозволи да го определи бројот на Бугарите во РС Македонија како незначителен, споредувајќи го со „значителниот“ број истомисленици на пишман кандидатот за кмет на Благоевград Атанас Кирјаков, чиј тротоарски македонизам е ѕвезда водилка за еден куп тролови на социјалните мрежи. Тука Мицкоски јасно покажа дека за да му помогне на Заев да се забетонира како единствениот „проевропски“ политичар во РС Македонија е подготвен дури да говори ноторни глупости, кои за поголем ефект ќе бидат повторени и од неговиот потпретседател Александар Николоски. Двајцата опозиционери бараат реципроцитет, Бугарите во Уставот на РС Македонија во замена на другарите на погоре споменатиот од мене Кирјаков во бугарскиот Устав. Не сакам ни да го должам повеќе коментарот за таа глупост, бидејќи и двајцата високи функционери на ДПМНЕ, знаат дека бугарскиот Устав нема опција за внесување на малцинства и дека во Бугарија се признаваат индивидуални, а не колективни права, каков што е случајот со РС Македонија. Тие двајцата „помагачи“ на Заев, го знаат многу добро и фактот дека припадниците на т.нар. македонско малцинство во Бугарија, се едни наивни луѓе, кои го прегрнале македонизмот како нивен единствен бунт против државната машина во Бугарија, која според нив е единствениот кривец за нивниот аутсајдерски статус.Тие ниту направиле кариери на грбот на македонизмот, ниту се збогатиле, барем поголемиот дел од нив. Тие веруваат во некакви приказни и тоа не е грев, но не е ни повод образовани луѓе како Мицкоски и Николоски да тресат зелени, во некаква божемска нивна одбрана. Никаква одбрана нема тука. Просто двајцата опозиционери го градат ореолот на Заев, додека на грбот на антибугаризмот собираат поени кај оние разочараните нивни симпатизери, кои например би гласале за Левица Апасиев или за Интегра на „космичкиот пастор“ Љупчо Ристовски.

Во хорот за воздигнување на Заев, се вклучија се разбира и „острите пера на македонската новинарска фела“ Горан Михајловски, Сашо Орданоски и Катерина Блажевска. Тие во ист ден објавија написи во кои, секој на свој начин ја покажа својата „разочараност“ од ставовите на бугарскиот претседател Радев. Се разбира со цел да претстават една слика во која Заев е сам во борбата за подобрување на односите со Бугарија и само со него начело на извршната власт во РС Македонија, може да се стигне до некакво решение на отворените прашања меѓу Софија и Скопје. Кога некој е сам во решавањето на одреден проблем или задача, нормално е да му се помогне, токму затоа сега Заев треба да изгледа немоќен, за да му помогне Брисел, оти нели сите се против него и дури не се обидуваат да ја оправдаат неговата упорност. Убава приказна. Најдиректен во својот исказ се разбира е Горан Михајловски, кој е познат по својата „долгогодишна љубов кон Бугарија и Бугарите“. Љубов што се расипа веднаш по „првото софиско вето“, претходно Горан Михајловски беше познат борец за затоплувањето на односите меѓу Македонците и Бугарите. Само што не доби орден Стара планина во Бугарија, заради своите заложби. Катерина Блажевска дури научила два бугарски зборови, од кои едниот е француски. Па нешто филозофира за една од најцрните комунистички страници од историјата на современа Бугарија, т.нар. Възродителен процес (промената на имињата на бугарските Турци, Роми и муслимани во 80-те години на минатиот век). За тоа злосторство родено во болните комунистички глави, во Бугарија и се пишувало и се снимале документарци, ништо не е сокриено, но изгледа Блажевска со својот напис нема за цел да биде објективна, туку едноставно да покаже дека Бугарите освен што биле фашисти, биле и православни Талибанци. За жал по тоа прашање Блажевска доцни и нормално не спомнува ни збор за илјадниците иселени Турци од СР Македонија во 50-те години на минатиот век, поради прогонот што се вршел врз нив и големиот број судски процеси, кои завршуваа со смртни судски пресуди. Третиот лик што напиша по темата е Сашо Орданоски, кој директно порача дека штом Бугарите не сакаат да се гушкаат со Македонците, Македонците ќе си се гушкаат со сите останати соседи. Оти нели на бугарскиот државен врв му е од витално значење да се занимава со тоа по каков пат ќе фати РС Македонија за да не ги признае своите антибугарски темели, поставени уште од времето кога Лев Главинчев го запали жив бугарскиот новинар Васил Василев, само затоа што не бил предавник на делото, како неговиот џелат.

Заев е јунакот и сам ќе го реши проблемот, ако воопшто дојде до некакво решение. Тоа е пораката на целокупната македонска елита до Брисел. Заев останува на власт и неговата единствена задача е да најде било какво решение за да го тргне „бугарското вето“. Тоа било какво решение ќе биде спакувано добро за да нема навредени. Се разбира, тоа се домашните сметки на „елитата“ овде. Истата сега одработува Заев да остане на власт по секоја цена, оти само тој може да се нафати да ги извади од рерна жешките печени компири. Го направи еднаш со Грција, зошто да не го направи и со Бугарија. Реално, тие што денеска го издигнуваат како единствен удобен за Европа политичар, го стават во тесно, оти ако не превземе реални чекори и продолжи да се надева на надворешни притисоци, Бугарите, а не Катерина Блажевска, ќе ни кажат „Мерси и довиждане“. Дури тогаш некои вжештени глави овде ќе сфатат колку арни биле Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева.

Извор: Трибуна