Пишува: Никица Корубин

Само еден мал потег, политички опортун или не, на министерот за надворешни работи и претседателски кандидат Бујар Османи, за ко-спонзорство на Северна Македонија на Резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации ја крена цела “јавност” на нозе.

На ниво на вонредни вести на неколку часа, чиниш голема катастрофа се случила. Нашите “објективни и непристрасни национални медиуми”, заедно со сите “аналитичари, експерти и партии” на располагање, вообичаено спротиставени, сега се ставија на иста страна: каузата мора да се одбрани. Македонската? Сигурно, не.

Се презентираат сите можни нови и стари анкети, за “огромната поддршка на народот” за “најголемиот пријател, партнер и сосед”, не заборавајќи го никако ни омилениот параван “Отворен Балкан”. А, “омилениот сосед” со “дрва и камења” по нашиот “идентитет, самобитност и независност”. Ама, за овој напад реакција нема. Овој “северномакедонски” звучи некако меко и нежно, со шмек на стокхолмски синдром.

Нема место во ударните вести за “мешање во внатрешните работи на Македонија” тоа е резервирано за косовскиот премиер Албин Курти, а ниту пак за загрозеноста на “вековниот идентитет”, тоа е наменето за Бугарија, и евентуално Грција. А, уште помалку место има за ужасното потсмевање од актуелни и идни пратеници, со геноцидот во Сребреница. “Да живее агресорот”, што се битни жртвите, ако не сме ние самите во прашање.

Оваа бласфемична пародија што ја гледаме изминативе неколку дена, па уште “зачинета” со вчерашното гласање на парламентарното собрание на Советот на Европа, на нашите претставници (во максимално скратен состав); некако чудно и интересно го разоткри целото разбирање на термини, со кои нашите партиско/политички елити се “раафрлаат” каде стигнат: де идентитетот ни’ е загрозен, де автономна политика ќе сме воделе, де никој да не се мешал во нашите внатрешни работи, де ЕУ не ни треба, де протестни ноти за “северномакедонски”, де никогаш Северна, и сите останати изговори.

А, кога во една-две изјави од високи “севернососедски” политички претставници сето ова беше “збришано”, да не кажам “подот избришан” со нас и нашата прочуена гордост, ништо. Молк. Одбрана на нападот кон нас. Да не имаше случајно некоја протестна дипломатска нота до Србија? Ако има (или смее) кој да ја прати.

А, за што е всушност хистеријата? Што се случи спротивно на нашите државни интереси? Од што отстапивме што не е одамна наша политика? За Северна Македонија, геноцидот во Сребреница е формално-правно прифатен уште во 2010 година. За Северна Македонија, Косово е независна држава и важен сосед. Чуму, тогаш нервоза? Чиј интерес, за нашите “елити и кланови” е поважен, нашиот или српскиот? Кој патем речено, не е ниту во нивен интерес, односно во интерес на нивните граѓани и општество.

Затоа што по оваа логика, на “возбуда и страст”, легитимно и логично е прашањето, “кому ЕУ не му треба”, “кој идентитет” е (зло)употребен, и за кого Северна Македонија се кочи интензивно неколку години. Затоа што ниту еден изговорен збор не може ефективно да ја скрие секоја (инстинктивна) реакција деновиве. А, особено неизговорен збор. Речиси сите гласни кандидати, наеднаш замолкнаа. Во ек на кампања, и на почеток на уште една кампања. Белким брзо ќе се соземат и ќе се потсетат, во која држава претендираат да извршуваат политичка функција.