Појасот Газа и денеска е цел на силни израелски воздушни напади, кои се случуваат во време на закани од палестинското исламистичко движење Хамас дека нема да ги ослободат преостанатите „живи“ заложници без преговори и дека бараат исполнување на сите нивни барања.

Во текот на ноќта беа извршени силни воздушни напади врз градот Кан Јунис на југот на Појасот Газа, кој е новиот епицентар на војната. Кан Јунис моментално е дом на стотици илјади цивили кои, по совет на Израел, избегаа од другите делови на палестинската енклава кога почнаа бомбардирањата во Газа.

Исламскиот џихад, другото вооружено исламистичко движење во Газа, соопшти дека во делови на градот Газа се водат тешки борби.

Во однос на повторуваните израелски повици жителите на Газа да се евакуираат од целиот Појас, Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) вели дека ниту еден дел од енклавата не е безбеден за жителите.

Израелската армија денеска информира дека од Газа биле истрелани ракети, како и дека вчера се воделе „жестоки битки“ во секторите на градот Газа и во Кан Јунис.

Палестинското движење Хамас вчера предупреди дека ниту еден од заложниците кои беа киднапирани за време на нападот на 7 октомври и се уште се во Појасот Газа нема да замине „жив“ без преговори и „без одговор на нивните барања“.