ЕK ја тужи Грција пред Судот на правдата на ЕУ затоа што не ја спровела бараната ревизија на плановитe за справување со ризиците од поплави

Европската комисија денеска соопшти дека ќе ја тужи Грција пред највисокиот суд на ЕУ поради тоа што не ги ревидирала плановите за справување со ризиците од поплави, клучна алатка за земјите од ЕУ за подготовка против поплавите, пренесува Ројтерс.

Акцијата доаѓа пет месеци откако деструктивни дождови во Грција ја поплавија нејзината плодна тесалиска рамнина, уништувајќи ги посевите и добитокот. Како резултат на ситуацијата, се покренаа прашања за способноста на оваа медитеранска земја во нејзиното справување со сè понепредвидливата клима.

Согласно правилата на ЕУ, земјите треба да ги ажурираат еднаш во шест години нивните планови за справување со поплави. Станува збор за низа мерки кои имаат за цел да помогнат во ублажување на ризиците од поплави врз луѓето, животната средина и економските активности.

Грција беше официјално известена од Комисијата минатата година дека треба да ги финализира своите планови, но земјата досега не ги прегледала, усвоила или пријавила своите планови за справување со ризици од поплави, се вели во соопштението на Комисијата.

„Комисијата смета дека напорите на грчките власти до денес се недоволни и затоа ја упатува Грција до Судот на правдата на Европската Унија“, се додава.

Комисијата минатиот месец ги тужеше Бугарија, Кипар, Шпанија, Ирска, Малта, Португалија и Словачка за неисполнување на нивните соодветни обврски за известување.

Марта Пешевска