Европската унија повика да се започне со формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство без понатамошни одложувања или предуслови. Во соопштението на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, се вели дека ЕУ е загрижена поради неспроведувањето на обврските постигнати во договорот за нормализација и Анексот за имплементација.

„Формирањето на Здружението на општините со српско мнозинство треба да започне без понатамошни одложувања или предуслови“, велат од ЕУ.

Борел рече дека ЕУ е загрижена поради недостатокот на напредок од двете страни за деескалација на ситуацијата во северно Косово, неколку месеци по зголемените тензии.

„Тоа што ние сакаме и бараме е да се започне со спроведување на тоа што беше наш предлог без понатамошни одолговлекувања. Ова ја подразбира и заложбата од двете страни да го спроведат потополно договорот што е постигнат во процесот на дијалог“, рече Борел.

Вчера косовскиот премиер Албин Курти го обвини посредникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, за кој рече дека се позиционира против Косово.

„Тука станува збор за европски медијатор кој го деформирал процесот со тоа што не се фокусирал на целосна и детална, непосредна и безусловна имплементација на Основниот договор и неговиот Анекс, туку со тоа што дозволил запрежната кола да се стави пред коњите, прво Здружението на општини, а потоа ќе видиме“, рече Курти.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, не сакаше да ги коментира обвинувањата на Курти, но рече дека тие се неосновани тврдења.

Шкелзен Аќифи