Војната меѓу Израел и палестинската група Хамас е најразорниот конфликт меѓу најголемите непријатели

Сто дена по избувнувањето, последната војна меѓу Израел и палестинската група Хамас, е убедливо најдолгиот, најкрвавиот и најразорниот конфликт меѓу најголемите непријатели.

Борбите почнаа на 7 октомври кога Хамас изврши смртоносен напад врз јужен Израел. Оттогаш, Израел немилосрдно го бомбардира појасот Газа и исто така почна копнена офанзива која срамни со земја цели населби. Офанзивата ги расели повеќето Палестинци во Газа, затвори повеќе од половина од болниците во Газа и доведе до широко распространет глад, изјавија набљудувачите на ОН, пренесува МИА.

Израелската војска соопшти дека веќе ги намалила операциите на тешко погодениот север. Но, на југот на земјата, каде што Израел вели дека лидерите на Хамас се кријат, продолжува со полна сила. Во меѓувреме, либанската група Хезболах и Израел речиси секој ден од почетокот на војната влегуваат во прекугранични судири.

Во нападот на Хамас во октомври загинаа околу 1.140 лица во Израел, од кои повеќето цивили, наведуваат израелските власти. Според нивните податоци, околу 250 лица беа земени како заложници од палестинските радикали. Околу стотина од нив беа ослободени со примирјето кон крајот на ноември, а роднините на оние кои се уште се во заробеништво продолжуваат да вршат притисок за нивно ослободување.

Како одговор на нападот, Израел се закани дека ќе го уништи Хамас, кој владее со Газа од 2007 година и е класифициран како терористичка група од Израел, САД и Европската унија. Според последните податоци на локалното Министерство за здравство, најмалку 23.843 луѓе, главно жени, тинејџери и деца, загинале како резултат на постојаното бомбардирање и гранатирање на тесниот појас, забележуваат француските медиуми.