Најмалку 288 луѓе загинаа, а над 850 се повредени во судир на три воза во Индија. Прогнозите велат дека ова ќе биде најсмртоносната железничка несреќа во Индија во изминатите повеќе од 20 години. Трагичниот инцидент се случил во близина на Баласоре, во источната држава Одиша. Дел од вагоните излетале од шините, а други целосно се превртеле.

Катастрофата се случила кога експресниот воз што сообраќал од индискиот технолошки центар Бенгалуру до Калкута излетал од шините, паѓајќи на соседната пруга.

Неколку минути подоцна, Коромандал Експрес, кој се движел од Калкута кон Ченај, удрил во него, а некои од неговите вагони се удрија и со товарен воз паркиран во близина.

На терен и натаму се спасувачките тимови.

Судханшу Саранги, генерален директор на противпожарните служби на Одиша, рече дека бројот на загинати изнесува 288, но се очекува да биде поголем, потенцијално приближувајќи се до 380.

Индија има една од најголемите светски железнички мрежи и таму се случија неколку катастрофи во текот на годините, од кои најлошата во 1981 година кога воз излета од шините додека минуваше мост во Бихар и падна во реката при што загинаа меѓу 800 и 1 000 луѓе.

Несреќата во петокот е третата најлоша и најсмртоносна од 1995 година, кога два експресни воза се судрија во Фирозабад, во близина на Агра, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.

Катастрофата се случи и покрај новите инвестиции и надградби во технологијата кои значително ја подобрија безбедноста на железницата во последниве години.