Десет лица загинаа откако чартер-авион, при слетување, се урнал на автопат северно од Куала Лумпур.

Авионот, во кој се превезувале шест патници и двајца членови на екипажот, полетал од меѓународниот аеродром „Лангкави“ и се упатил кон аеродромот „Султан Абдул Азиз Шах“, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Малезија, пренесува Си-ен-ен.

„Првиот контакт на авионот со кулата за контрола на летање Субанг беше во 14:47 часот, а дозволата за слетување беше дадена во 14:48 часот. Во 14:51 часот по локално време, контролната кула забележа чад, но авионот не издаде повик за помош“, се додава во соопштението.

Авионот удрил во автомобил и мотоцикл на автопатот, при што загинале уште две лица.

Министерот за транспорт Ентони Лок рече дека истрагата е во тек.