Борел: ЕУ бара итно и безусловно ослободување на Навални и на сите политички затвореници во Русија

Денеска се навршуваат три години откако рускиот опозициски политичар Алексеј Навални од Германија, каде што беше на лекување по обидот за атентат врз него, се врати во Русија, каде беше уапсен, гонет и осуден, се наведува во писмената изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со „последните настани во случајот со Навални и другите политички затвореници“.

– Оттогаш, Европската унија внимателно ги следи настаните во неговиот случај. ЕУ во неколку наврати најостро ги осудуваше сите политички мотивирани пресуди против него за дејствија што претставуваат легитимни политички и антикорупциски активности, наведува Борел во изјавата дадена во името на ЕУ.

Тој потсетува дека Навални, кој „отслужува политички мотивирани казни во вкупно повеќе од 30 години“, беше отруен со токсичен нервен агенс од групата „Новичок“, забранет според Конвенцијата за хемиско оружје, чиј потписник е и Русија.

– Навални трпи постојано малтретирање со големи ризици по неговиот живот и сериозно кршење на неговите човекови права. Минатата година, тој беше преместен во една од најоддалечените казнени колонии во регионот Јамало-Ненец во Сибир, во обид да го изолираат од остатокот од светот. Ова е јасен показател како рускиот правен систем продолжува да се инструментализира против Навални и колку руските власти се плашат од него, во контекст на тековната руска агресија врз Украина и руските претседателски избори во март, додава Борел.

Тој во изјавата нагласува дека ЕУ изразува жалење што тројца адвокати кои го бранат Навални во ноември минатата година беа вклучени на руската листа на „терористи и екстремисти“ под политички мотивирани обвиненија.

 Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, попладнево се соочи со гневот на европратениците поради неговата посета на Москва минатата недела, тој прифати некои од забеле

 Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, попладнево се соочи со гневот на европратениците поради неговата посета на Москва минатата недела, тој прифати некои од забеле

– Адвокатите имаат фундаментална улога во поддршката на владеењето на правото и на човековите права на обвинетите. Адвокатите остануваат во истражен затвор и се соочуваат со казна затвор до шест години, потсетува Борел.

Високиот претставник на ЕУ воедно го повторува повикот за итно и безусловно ослободување на Навални и на сите политички затвореници во Русија, вклучувајќи ги Јуриј Дмитриев, Владимир Кара-Мурза, Илја Јашин, Алексеј Горинов, Лилија Чанишева, Ксенија Фадеева и Иван Сафронов.

– Остануваме крајно загрижени за здравствените состојби на Алексеј Навални, Владимир Кара-Мурза, Александра Скочиленко, Игор Баришников и Алексеј Горинов, отежнати од затворските услови, малтретирањето и немањето пристап до соодветна медицинска нега. Политичкото раководство на Русија е одговорно за безбедноста, здравјето и благосостојбата на Навални и другите затвореници и ќе одговара за тоа. ЕУ потсетува дека забраната за тортура е апсолутна според меѓународното право, истакнува Борел.

Тој воедно во името на ЕУ ја повикува Русија да ја почитува привремената одлука на Европскиот суд за човекови права со која се бара итно ослободување на Навални од затвор, потенцирајќи дека земјата е обврзана целосно да ги спроведува пресудите на овој Суд поврзани со кршењата на човековите права случени пред 16 септември 2022 година, кога Москва се повлече на Европската конвенција за човекови права.

– Русија, исто така, останува обврзана со Конвенцијата против тортура и друго сурово, нехумано или понижувачко постапување или казнување, Европската конвенција за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување и нејзините други обврски според меѓународното право за човекови права, додава Борел во изјавата.