Ал Џезира со осуда за убиството на репортери во Газа

Ал Џезира денеска го осуди убиството и „таргетирањето“ палестински новинари во Газа, откако двајца репортери кои работеа за телевизијата загинаа во напад врз нивниот автомобил.

Хамза Ваел Дахдух, фоторепортер и син на нивниот дописник од Газа, Ваел Ал-Дахдух, и Мустафа Турија, видео стрингер за новинската агенција АФП, кој работеше за Ал Џезира, загинаа во нападот во Рафа, пренесува МИА.

„Медиумската мрежа Ал Џазира силно го осудува таргетирањето на автомобилот на палестинските новинари од страна на израелските окупаторски сили“, се вели во соопштението на компанијата. Тие го обвинија Израел за „кршење на принципите на слободата на печатот“.

Ваел Дахдух (52), шеф на бирото на Ал Џезира во Газа, ги загуби сопругата, ќерката, внукот и 15-годишниот син во октомври во израелски воздушен напад што ја погоди куќата во која се засолниле.