Kарлос Алкараз не дозволи изненадување и го освои Мастерс турнирот во Мадрид, откако во финалето го совлада Жан Ленард Штруф (2-1). Шпанскиот ас по победата беше емотивен, особено бидејќи игра на свое тло.

„За мене тоа е нешто посебно. Победата во Мадрид и мојата земја е посебен успех. Да бидеш шампион пред свои навивачи, семејството, пријателите, сите блиски… тоа нема да го заборавам никогаш.  Ова се големи достигнувања за мене, десетта титула, четврти Мастерс. Одбраната на трофејот тука и фактот дека сум на чекор од првото место се голем успех за мене. Јас сум амбициозно момче, сега на ред е Рим. Таму никогаш не сум играл, минатата сезона бев повреден. Не знам како ќе биде, но ќе уживам во турнирот“, изјави Алкараз.

Пред Ролан Гарос, Алкараз се очекува да го заземе првото место на АТП ранкингот. Во моментов шпанскиот ас заостанува пет бода зад Новак Ѓоковиќ, па само треба да се пласира во второто коло во Рим, за пред Париз да стане водечки тенисер на светот.

Прикажи повеќе