Абас побара од земјите кои го прекинаа финансирањето на УНРВА да ја преиспитаат одлуката

Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас побара од земјите кои го прекинаа финансирањето на Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА) да ја преиспитаат одлуката.

Тој вчера рече дека суспензијата на финансирањето ќе доведе до казнување на милиони Палестинци без оправдана причина, објави официјалната палестинска новинска агенција.

Абас го обвини Израел дека делува отворено против УНРВА и дека сака да ја укине работата на агенцијата, објави Си-Ен-Ен.

Десет западни земји го прекинаа финансирањето на УНРВА, откако се појавија наводи дека некои од вработените во агенцијата биле вмешани во терористичките напади на Хамас во јужен Израел на 7 октомври минатата година.