Претседателството на германската Зелена партија поднесе колективна оставка, објаснувајќи го овој потег со неуспесите на покраинските избори во септември. „Дојдовме до заклучок дека е потребен нов почеток“, рече потпретседателот на Партијата на зелените, Омид Нурипур во партискиот центар во Берлин.
Како што пренесува МИА, оставка поднесе и вториот потпретседател на партијата Рикарда Ланг, како и целото претседателство на партијата. Со овој потег, како што пренесуваат германските медиуми, претседателството на партијата ги повлекува последиците од лошите изборни резултати во источногерманските сојузни покраини Саксонија, Тирингија и Бранденбург.
Во Тирингија и Бранденбург партијата чие полно име се вика Зелени/Савез90 не го помина изборниот праг, а во Саксонија со 5,1 отсто го постигнаа својот најслаб резултат во оваа сојузна покраина досега. Аналитичарите оценуваат дека гласачите ја отфрлаат зелената политика на инсистирање на енергетска трансформација, како и партијата која се противи на ограничување на бегалскиот проток.
Новото претседателство на партијата треба да се избере на партиската конвенција во ноември. Од крајот на 2021 година, Зелените се помал партнер во сојузната влада на Олаф Шолц со социјалдемократите и либералите.
Сојузната влада моментално бележи ниски вредности во анкетите за популарност, а медиумите со денови шпекулираат за предвремено распаѓање на коалицијата поради постојаните кавги меѓу коалициските партнери, пред се Зелените и либералите.