Итно е потребно да се ажурира позитивната листа со нови современи лекови за справување со незаразните болести, особено за хипертензија, смета министерот за здравство Фатмир Меџити.
Ова е главна причина што нашите граѓани плаќаат 40 отсто од здравствените трошоци, што резултира со тоа што 7 проценти од домаќинствата имаат високи трошоци за здравствена заштита, а 4 отсто се соочуваат со сиромаштија поради високите трошоци за лекови, рече Меџити.
Меџити потсети дека неодамна се комплетирани пет нови клинички упатства и протоколи засновани на меѓународни упатства и докази за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна, белодробна болест, астма и хипотироидизам.
Владата на 17 март усвои закон со кој на општите лекари им овозможи да ги дијагностицираат овие болести и да препишуваат лекови согласно наведеното во новите клинички упатства, кои исто така вклучуваат ажурирани рецепти. Фармацевтските компании сега ќе имаат можност да го изразат својот интерес за нови лекови, базирани на докази, со цел вклучување на позитивната листа. Дополнително, процесот на обединување на универзитетските клиники под едно правно лице и еден генерален менаџер, ќе ја подобри координацијата и ќе обезбеди оптимално искористување на ресурсите. Веќе го почнавме процесот во Владата за укинување на организациските директори и пренасочување на средствата кон подобрување на грижата за пациентите, рече министерот, кој говореше на денешниот форум „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Македонија: Кон трансформација на здравствениот систем“.
Посочи дека со поддршка од агенциите на ОН се работи на изградба на систем за примарна здравствена заштита, којшто ќе ги задоволува потребите на населението. На давателите на примарна здравствена заштита, рече Меџити, треба да им се овозможи да дијагностицираат и препишуваат лекови за незаразни болести, како хипертензија и дијабетес, а потребно е и ажурирање на клиничките упатства и унапредување на електронскиот здравствен информативен систем.
На форумот беше истакнато дека смртноста на новороденчињата во последните три години е намалена во Македонија со што земјата предводи во однос на другите држави од регионот, истакна специјалната претставничка на Светската здравствена организација за Македонија, Ане Јохансен.
Според Јохансон, се уште постојат предизвици со кои се соочува здравствениот систем во земјава, но остварени се и многу значајни подобрувања. Посочи дека има реформи што се во тек и кои се остваруваат чекор по чекор, а се во насока на подобрување на севкупниот пристап кон здравствена заштита.
Меџити во своето обраќање нагласи дека значително е намалена смртноста кај новороденчињата за краток временски период.
Како признание за нашите достигнувања, ние сме избрани како единствена земја во европскиот регион на СЗО што ќе биде вклучена во книга што треба да биде објавена од седиштето на СЗО за земјите ширум светот, кои се најуспешни во подобрување на здравствените резултати на мајките и новороденчињата. Ова е достигнување со кое треба да се гордееме, рече министерот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.