Една од анализите на крвта, која главно се изведуваше во случај на сомневање за тромбоза, стана многу важен параметар и при утврдување на сериозноста на инфекцијата со коронавирусот.

Станува збор за утврдување на нивоата на д-димерот, протеински дел од крвта, кој е речиси немерлив кај сосема здравите луѓе, бидејќи го нема во крвотокот. Кај луѓето позитивни на коронавирус, неговите вредности се зголемени, што на лекарите им укажува на фактот дека заразеното лице може да развие потешка клиничка слика на ковид-19, поради што од самиот почеток го лекуваат поагресивно. Ова поттикна многумина, во време на пандемијата, да бараат да им се утврдат нивните нивоа на д-димерите по приватните лаборатории, за на тој начин да проверат дали се заразени и каква им е здравствената состојба.

Во екот на пандемијата на ковид-19, сè повеќе луѓе зборуваат за д-димерот и сè повеќе луѓе одат во приватни лаборатории за да вадат крв.

Но, што е д-димер воопшто, што ни покажуваат покачените вредности и како е поврзан со коронавирусот?

Д-димерот е производ на деградација (распаѓање) на фибрин и укажува на актуелно активирање на процесот на згрутчување на крвта. Фибрин е мал протеински фрагмент што се наоѓа во крвта по растворањето на тромбот. Од воведувањето на тестот во 1990 година, тој стана значаен во дијагностицирањето кај пациентите со сомневање за тромбоза.

Научните трудови покажаа дека четирикратно зголемената концентрацијата на д-димерот во крвта е еден од главните ризични фактори за смртност кај пациентите со ковид-19, бидејќи компликациите на оваа болест често вклучуваат белодробна и вонбелодробна тромбоза, која доведува до смрт на пациентот. Колку е поголема концентрацијата на д-димер, толку е поголем ризикот од смртност.

Лекарот ќе побара да се направи д-димер кога се сомнева на:
– Длабока венска тромбоза на нозете
– Белодробна емболија
– Дисеминирана интраваскуларна коагулација

Кај здравите луѓе, нивото на д-димер е речиси невозможно да се измери бидејќи тој протеин го нема во крвта. Од друга страна, кога д-димерот е покачен, тоа не значи дека пациентот има некоја од наведените состојби (тромбоза), туку неопходно е да се направат и други дијагностички тестови, како што се рендген на белите дробови, ангиографија, доплер на крвните садови на нозете. Овие постапки се „златен стандард“ при дијагностицирањето на тромбогените состојби.

На кои проблеми укажува зголемениот д-димер?

Покрај тромботичните состојби, д-димерот најчесто е покачен кај карциномот и кај сепсата. До пораст на д-димерот доаѓа и во текот на нормалната бременост – во текот на првото тромесечје расте до двапати, во текот на второто до трипати, а во текот на четвртото тромесечје и до четирипати.

Д-димерот исто така се зголемува и со стареењето, така што кај пациентите постари од 50 години, мора да се пресмета точната гранична вредност на д-димерот.
Во однос на референтните вредности, неопходно е да се нагласи дека различни лаборатории имаат различни референтни вредности, но тие најчесто се потенцираат на самиот извештај. Генерално за негативен резултат се смета вредност под 0,5 μg/ml, иако во некои лаборатории е неопходно вредноста да биде и под 0,25 μg/ml. Што се однесува кај бремените жени, во првото тромесечје дозволените вредности се 0,05 – 0,95 μg/ml, во второто 0,32 – 1,29 mg/ml, а во третото 0,13 – 1,7 μg//ml.
Хематолозите велат дека оваа анализа не би требало да се прави на своја рака, бидејќи нормалните вредности на д-димерот се мошне индивидуални и зависат од возраста и од придружните болести.

Како се поврзани д-димерот и коронавирусот?

Една научна студија објавена во јули оваа година, која вклучуваше и мета-анализа на 13 други студии на истата тема, ја потврди поврзаноста помеѓу тежината на болеста ковид-19 и покачениот д-димер (> 0,5 μg/ml). Се претпоставува дека причината за зголемувањето на д-димерот е нарушување на коагулацијата поради присуството на вирусот, како и оштетување на белодробното ткиво кај воспалението. Друга студија објавена во септември оваа година дури укажува на поврзаноста помеѓу зголемениот д-димер и смртноста во болничките услови кај пациентите на антикоагулантна терапија.

Пациентите со потешка клиничка слика се врзани за кревет и мошне малку се движат, што е еден од ризичните фактори за длабока венска тромбоза и последователна белодробна емболија по одвојувањето на тромбот, а во тој случај веќе знаеме дека доаѓа до пораст на д-димерот. Затоа, треба да се внимава и да не се изостави дијагнозата на оваа опасна состојба.
Тестот се изведува за да се исклучи тромбозата кај пациентот, односно присуството на крвни згрутчувања во крвните садови. Ако овој параметар е под границата на референтните вредности, тромбозата може речиси сигурно да се исклучи.

Лекарите истакнуваат дека би било идеално параметарот на д-димерот да се измери кај сите пациенти со ковид-19, кои се прегледуваат во ковид-амбулантите. Меѓутоа, ако такво нешто не е можно, овој параметар треба да се проверува кај пациентите со изразени симптоми или кај оние кај кои настапува ненадејно влошување на клиничката слика.

Со стареењето, расте нивото на д-димерите, па затоа по 50-тата година од животот, би требало да се пресмета вредноста согласно состојбата на пациентот. Кај лицата постари од 80 години, наодот на д-димер е често 0,8, а кај луѓето во шеесеттите години е 0,6. Болестите на бубрезите, црниот дроб, системските автоимуни болести и хемолизните болести, исто така, можат да доведат до зголемување на овој параметар во крвта.