Украинскиот претседател Володимир Зеленски за денеска свика итен состанок на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина на кој ќе се донесат „фундаментални одлуки“ во пресрет на руските планови за анексија на четири украински региони, пишува Ројтерс.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска треба да биде домаќин на церемонија во Кремљ на која ќе потпише анексија на четирите региони во Украина (Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон) откако во услови на војна беа спроведени т.н. референдуми со чии резултати проруските сили се пофалија дека народот гласал за присоединување кон Русија.

Според Ројтерс, Олексеј Данилов, секретар на Советот за безбедност, зборувајќи за украинската телевизија „1+1“, рекол дека на денешниот итен состанок ќе бидат донесени важни и фундаментални одлуки за Украина, не давајќи никакво дополнително објаснување.

Зеленски повеќепати изјави дека т.н. референдуми се незаконски и предупреди на силен украински одговор.

Прикажи повеќе