Дијалог за стратешко партнерство меѓу Албанија и САД ќе се одржи денеска во Вашингтон со претставници на осум министерства и структури, јавија албанските медиуми.

Албанската делегација ја предводи министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, а американската помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид. Во дел од дискусиите ќе учествува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Во албанската делегација за првпат членуваат високи претставници од Министерствата за Европа и надворешни работи,  за одбрана, за внатрешни работи, за инфраструктура и енергетика, за финансии и економија, како и  министерството за правда, а од американска страна ќе учествуваат претставници на американскиот Стејт департмент, министерството за одбрана, за трговија и.т.н.

Стејт департментот на САД ќе го претставуваат помошникот државниот секретар Карен Донфрид, заменик-помошникот државен секретар Габриел Ескобар, заменик-секретарот за одбрана и други.

Дијалогот има за цел да го продлабочи и прошири стратешкото партнерство меѓу Албанија и САД и да ја зајакне соработката во областите од геостратешко значење како што се безбедноста, кибер-одбраната, соработката во рамките на Советот за безбедност, енергијата, транспортот, климата, дигиталната трансформација.

Во текот на дијалогот ќе се разговара и за заедничките предизвици (меѓу Албанија и САД) на полето на безбедноста како резултат на развојот на меѓународните настани.

Дијалогот за стратешко партнерство доаѓа во време кога се слави 100-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Албанија и САД.