Златник најден на јужниот брег на островот Њуфаундленд, во Канада, како материјален наод, најверојатно му претходи на пристигнувањето на англискиот истражувач Џон Кабот на островот, за можеби 70 години.
Властите на Њуфаундленд и Лабрадор соопштија дека англиската монета била пронајдена летово од страна на Едвард Хајнс, локален историчар, кој го пријавил тоа според Законот за историски ресурси на покраината. Паричката стара 600 години е постара од првиот официјално документиран контакт на Европејците со Северна Америка.
По консултација со Пол Бери, поранешен кустос на Музејот за монети при Банката на Канада, беше утврдено дека паричката е од времето на англискиот крал Хенри Шести. Кована е во Лондон меѓу 1422 и 1427 година, но, се чини, веројатно била вон оптек кога е изгубена на канадскиот брег. Монетата денес би била вредна околу 61 американски долар.
Пред ова откритие, се веруваше дека монета искована во 1490-тите и пронајдена во 2021 година на плантажата Купидс Ков е најстарата англиска паричка пронајдена во Канада.
Точната локација на откритието се чува во тајност за да се обесхрабрат ловците на богатство. Археологот Џејми Брејк изјави дека новопронајдената паричка ќе биде изложена во музејот „Румс“ (The Rooms) во главниот град на покраината, Сент Џон.
– Некое време има одредени сознанија за присуството на Европејците пред 16. век, со исклучок на Норманите. Можното заземање пред 16. век би било неверојатно откритие, рече археологот.
Приказните за доаѓањето на Норманите се содржани во исландските саги, како што е онаа за Леиф Ериксон од пред повеќе од 1.000 години. Има и археолошки докази за норманска населба пронајдена кај Л’анс о’Медоус, која беше прогласена за светско наследство на УНЕСКО во 1978 година. Има и записи за англиски брод што скршнал од патеката во „чудна земја полна со риби“ кон крајот на 15. век.
Во 1583 година, Њуфаундленд е првиот посед на Англија во Северна Америка, а заземањето на надворешниот брег на островот од Англичаните поради риболов, трговија, експлоатација итн., го оневозможило домородното население во пристапот до храна и природни извори.