Во Брисел денеска почнува објаснувачкиот скрининг состанок за Кластерот 4 – Зелена агенда и Одржлива поврзаност.

Објаснувачкот скрининг состанок за овој Кластер, којшто ќе го отвори вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, ќе започне со Поглавјето 21 – Трансевропски мрежи и Поглавјето 14 – Транспортна политика.

Кластерот 4 или „зелените приоритети“ се на врвот на приоритетите на Европската Унија каде што има обемно законодавство, коешто се надоградува и е најтешко за спроведување, особено во заштитата на животната средина и инвестициите.

Како што соопштија од СЕП, во просториите на Постојана мисија на Република Северна Македонија при Европска Унија во Брисел новинарите ќе имаат брифинг со вицепремиерот Маричиќ, а ќе се сретнат и со Шефот на Мисијата, Амбасадорот Зулфи Исмаили.

Во Кластерот 4 спаѓаат Поглавјата 14, „Транспортна политика“, 15, „Енергетика“, 21 „Трансевропска мрежа“ и Поглавјето 27, „Животна средина и климатски промени“, за кои во периодот од 15-ти до 20-ти март Европската комисија ќе го презентира на македонскиот преговарачки тим новиот корпус на европското законодавство, донесено во периодот по 2018/19 година.

Утре продолжува Поглавјето 21, заедно со Поглавјето 15, „Енергетика“.