Витни Хјустон почина на 11 февруари 2012 година, а денес би го прославила својот 58-ми роденден. Поради дрогата и насилството што го трпела во бракот, светската дива од врвот на светот отиде во прегратката на смртта.
Светски познатата пејачка чија музика ги одбележа последните две децении од 20 век, почина пред девет години во хотелот „Хилтон“ на Беверли Хилс. Според податоците од Гинисовата книга на рекорди, Витни Хјустон е женски изведувач со најмногу награди. На списокот на нејзините награди се наоѓаат 415 признанија, а таа е истовремено и една од најтиражните пејачки, која продала повеќе од 200 милиони албуми и синглови ширум светот.
Во 1992 година Витни Хјустон беше на врвот на светот, но нејзиниот живот од тој момент почнува да излегува од контрола. Истата година пејачката се вљубила во Р&Б пејачот Боби Браун. На почетокот уживале во бракот, во љубовта и страста, но набрзо нивниот однос се сменил и тоа поради неконтролираната употреба на дрога, која станала центар на нивниот свет. Кавгите, тепачките, непримерното однесување на сопружниците, полицијата многупати требало да ги разрешува. Витни неколкупати го пријавувала Боби во полиција, тврдејќи дека ја тепал. Подоцна ги отфрлала тужбите и му се враќала велејќи дека не може да живее без него.
Дури во 2010 година во интервјуто на Опра Винфри Витни јавно призна дека Браун ја тепал, поради што во 1993 година поднела тужба против него.
Без оглед на проблемите, Витни продолжи да напредува во кариерата. Ја одигра главната улога во филмот „Телохранител“, кој доживеа голем успех, а саундтракот од филмот е еден од најпродаваните на сите времиња. Песната „I Will Always Love You“ беше и остана нејзиниот најголем хит.
На 3 март 1993 година Витни ја роди ќерката Боби Кристина.
За нумерата „When You Believe“ за цртаниот филм „Принцот на Египет“, заедно со Мараја Кери добија Оскар за најдобра песна таа година.
Кон крајот на 1999 и почетокот на 2000 година бракот на Витни и Боби беше тема на таблоидите, а по неколку откажани концерти пејачката неколку месеци се скри од очите на јавноста. Нејзиното прво појавување беше кај познатата водителка Дајен Сојер во 2002 година, каде што Витни се појави очигледно под влијание на дрога и во многу лоша состојба. Се шпекулираше дека доживеала нервен слом.
Следните неколку години Витни се обидуваше да го зачува својот брак и да се излекува од зависноста.
И покрај сè, Витни Хјустон и понатаму беше омилена пејачка на многумина и најнаградуваната уметница на сите времиња.
Во 2007 година повторно направи пауза во кариерата и се разведе од Боби Браун, а на суд доби старателство над нивната ќерка Боби Кристина Хјустон Браун.
После цела деценија измачување, Витни повторно почна да наликува на себеси и во 2009 година го издаде новиот албум „I Look at You“.
„Песните сами ќе ви објаснат и ќе сфатите каде сум, и за промените низ кои поминав за да стигнам до овде“, рече во една прилика.
На почетокот на 2012 година почнаа да кружат приказни дека Витни има парични проблеми, кои таа брзо ги негираше.
Почина на 48-годишна возраст на 11 февруари 2012 година во Лос Анџелес, една вечер пред доделувањето на Греми наградите на кои била поканета.
Нејзиното тело беше пронајдено во бањата во хотелска соба во хотелот „Хилтон“ на Беверли Хилс.
Досега како официјална причина за смртта е забележено давење во када со врела вода поради откажување на срцето, предизвикано од предозирање.