„Во изминативе денови, гледаме како ДПМНЕ и коалицијата на власт повторно ги става во функција некогашните режимски механизми на носење закони на брзи ленти, преку кршење на Деловникот на Собранието, исклучување на јавноста и стручната фела при носењето на едни од најважните закони – пакетот закони од областа на образованието“, рече Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.

„Со голем дел од предложените промени сериозно се уназадени концептите за одржување социјална правда во задолжителниот образовен процес.

Со предложените промени се нарушува концептот за инклузија на деца со попреченост.

При отстранувањето на заштитните основи за дискриминација по род и сексуална ориентација, како и со кратењето на буџетот за 50% за специјализирани услуги на жртвите од насилство, се дава јасен сигнал кон агресорите за тоа кого институциите ќе штитат, а кого ќе го остават на маргините. Овие предлог-закони се на штета на децата со попреченост, на штета на децата кои се жртви на врсничко насилство, на штета на средношколците кои ќе го изгубат правото на средношколско организирање.

На овој начин, ДПМНЕ нѐ уназадуваат и ја озаконуваат дискриминацијата во образованието. Предложените решенија се спротивни на Законот за спречување и заштита од дискриминација и Уставот на Република Северна Македонија.

Во целост се игнорирани препораките на Комисијата за заштита од дискриминација. Законите се туркаат на брза лента, без претходна јавна расправа, со игнорирање и исклучување на граѓанскиот сектор.

Овие деструктивни тактики на исклучување на јавноста и стручната фела, загрижувачки потсетуваат на старите денови на режимот на Груевски.

Предлог-закони влезени во собраниска процедура оваа година, со минат филтер на Комисија и консензус меѓу пратениците постоеја, а оваа Влада ги повлече заради наводно подобрување на текстот. Наместо подобрување, без ниту дијалог ниту консензус наметнуваат еднострани решенија за најважната тема за иднината на државата.

Образованието е натпартиска и надетничка тема. Сите деца се наши деца и во нивното образование не смее да има поделби, а најмалку не на заштитени и деца оставени на маргините.

Апелираме образовните закони да се донесат со консензус, да се послушаат Комисијата за заштита од дискриминација и стручната фела. Законите не смеат да се косат со другите закони и Уставот. Вака не се гради здраво демократско општество.

Повикуваме на отворена јавна расправа и дијалог во Собранието и да дојдеме до заеднички добри решенија, бидејќи нашиот демократски капацитет го сака она што е државнички и добро за децата“, изјави Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.

.