На точно еден месец од катастрофалниот земјотрес што ја погоди Турција, вчера во градот Шанлиурфа во југоисточниот дел од земјата се урна шесткатна зграда. Градот се наоѓа во близина на турскиот град Кахраманмараш, кој беше погоден од силните земјотреси што се случија на 6 февруари, јави Анадолија.
По несреќата, на местото на урнатата зграда биле испратени припадници на Управата за вонредни ситуации на Република Турција, противпожарни единици, како и екипи на Итната помош за потрага на луѓе под урнатините.
Гувернерот на областа Салих Ајхан изјави дека во несреќата е повредено едно лице. Повредениот е хоспитализиран, но нема опасност по неговиот живот.
Гувернерот ги повика граѓаните да не влегуваат и да не поминуваат покрај тешко оштетените згради.
„Имаме близу 2 500 тешко оштетени објекти. Над 1 700 објекти се умерено оштетени. Треба што поскоро да ги отстраниме. Граѓаните треба да преземат одговорност и да бидат внимателни во овој поглед. Мора да бидеме внимателни“, рече тој.
Зградата, како што јавува Анадолија, по силните земјотреси на 6 февруари била евакуирана, а поради тешкото оштетување била запечатена, односно пристапот до неа бил забранет.