Повеќе од 600 луѓе загинаа од јуни во најсмртоносните поплави во Нигерија во последната деценија, предизвикани од невидени врнежи, а 1,3 милион луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови, покажуваат новите податоци на локалните власти.
Од почетокот на сезоната на дождови, многу делови од најнаселената африканска земја се погодени од силни поплави кои ги зголемија стравувањата од недостиг на храна и зголемена инфлација.
„За жал, повеќе од 603 животи се изгубени, уште 100 загинати за една недела и 2 400 повредени во поплавите“, објави вчера на Твитер Министерството за хуманитарни прашања на Нигерија.
Зголемување на бројот на загинати е забележано затоа што многу локални единици не се подготвиле за толку силен дожд, соопшти Министерството.
Повеќе од 82 000 куќи и 110 000 хектари обработливо земјиште се, исто така, целосно уништени, додаде Министерството.
Сезоната на дождови обично започнува во јуни, но според Националната агенција за управување со вонредни состојби поплавите станаа особено смртоносни од август.
Во Нигерија во наредните недели се очекуваат обилни дождови, па се стравува дека ќе има нови штети и опасности за луѓето.
Министерот за хуманитарни прашања Садија Умар Фарук повика на евакуација на луѓето кои живеат покрај реките, особено во оние области каде што има висок степен на опасност од поплави.