„Секогаш овој филм успева да одговори на моите лични емотивни и интелектуални дилеми, но и колективни етички дилеми поврзани со конкретните политички случувања“.

Догвил

“This is a sad tale of the township of Dogville” е реченицата која го отвора еден од моите омилени филмови, филмот Догвил на данскиот режисер Ларс вон Трир. Една моја драга професорка еднаш кажа дека филмот треба да е телесно, емотивно и интелектуално искуство на гледачот, а „Догвил“ е токму пример за исклучително испреплетување на овие три сегмента во целокупното три-часовно патување низ филмот. Како што нараторот најавува со првата реченица, Догвил е фокусиран на приказната и ликовите кои ја градат многу повеќе отколку на останатите филмски елементи. Наместо очекувана филмска сценографија, Трир ни нуди филм снимен на една сцена исцртана со линии од креда кои ги обележуваат локациите на градот и домовите на малиот број на жители, дополнето со ограничен број на мебел и реквизити. Нам, на гледачите, не ни е дозволено никогаш да го напуштиме овој сет, да погледнеме отаде истиот, зошто на сите страни наоколу постои само празна темнина. Филмот и говори за една млада жена Грејс, која се наоѓа „заробена“ во малиот град Догвил бегајќи од гангестрската група предводена од нејзиниот татко. Повеќеслојноста во можностите за толкување на Догвил претставува вистински предизвик за секој пасиониран гледач на филмови.

Догвил е врамен во етичката дилема на еден од главните ликови, ликот на Томас Едисон, и тоа дилемата за „примање/ accepting, receiving” наспоти „барање/ demanding”. Пристигнувањето на Грејс во паланката Догвил започнува токму со динамиката меѓу овие две начела: како возврат за нејзиното криење во Догвил, таа им нуди на мештаните да примат од неа дар, нејзин придонес во секојдневните активности на сите семејства во Догвил, а тие инсистираат дека ништо од неа не им е потребно, но продолжуваат да настојуваат на исполнување на нивните барања (робување, слугување, сексуална експлоатација). Трир решава да се занимава со проблемот на „примање“ наместо „дарување“ која е почесто експлоатирана тема во книжевноста, филозофијата и филмот, и тоа го прави филмот покомплексен и поуникатен. Низ оваа етичка рамка понатаму се поставени повеќе клучни концепти со кој се бави филмот, како ароганцијата, провокацијата, трудот и слично, а сепак сите раскажани преку исклучително интересна приказна која го држи гледачот буден, емотивно и интелектуално ангажиран и заинтересиран. Овие филозофски и етички дилеми, обоени со значителни библиски референци, имаат потенцијал на нови интерпретации, и тоа политички, социјални, културни, религиски што го прави филмот универзален и безвременски. На пример, „Догвил“ го гледав кога се занимавав со културата на паланката во рамки на феминистички истражувања, „Догвил“ го гледав кога нашата јавност се бавеше со воената инвазија на САД кон Ирак, „Догвил“ го гледав одново во екот на бегалската криза… И секогаш овој филм успева да одговори на моите линчни емотивни и интелектуални дилеми, но и колективни етички дилеми поврзани со конкретните политички случувања. За некои, овој филм е критика на американската окупаторска надворешна политика, за други тој е дискусија меѓу старо-заветната и ново-заветната идеологија, за трети е приказна за општественото (не)прифаќање на Другите, ама веројатно „Догвил“ е се‘ наведено и плус уште многу. За мене, можеби најмногу овој филм е уметничко редефинирање на политиките на гостопримство и преместување на оваа тема од домените на туризам и приватната сфера во домените на филозофијата и политиката, истовремено објаснувајќи ги и разбирајќи ги крупните филозофски и религиски теми (како доброто и злото, милоста, правда, жртвување) низ опипливи и блиски општествени феномени (како насилство, криминал, одмазда). Конечно, таа стара тензија меѓу доброто и злото не се разрешува кај Трир. Трир како да им врти грб на човештвото и на цивилизацијата, ама остава и на публиката да стигне до тоа место.

Омилените пет на Ирена Цветковиќ:

„МАJKA“, Ксавиер Долан, 2014

„ПЕСЈАК“, Јоргос Лантимос, 2009

„МЕЛАНХОИЈА“, Ларс вон Трир, 2011

„СИБИРСКИОТ БЕРБЕРИН“, Никита Михалков, 1998

„УБАВИНАТА НА ПОРОЦИТЕ“, Живко Николиќ, 1986